Десеттиот обид на Килијан Мбапе да го освои трофејот во Лигата на шампионите заврши неславно во Минхен. Како и минатата сезона, неговата прва во Реал Мадрид, патот кон трофејот повторно заврши во четвртфиналето. Откако француската ѕвезда одлучи да го напушти Париз, потрагата по титулата во Лигата на шампионите беше една од главните причини за тој чекор, а Реал Мадрид, клубот со 15 титули, се чинеше како најсигурен пат кон остварување на таа цел.
Сепак, се чини дека оваа сезона Мбапе нема да ја освои Лигата на шампионите, иако неговите индивидуални статистики сè уште го сместуваат на врвот.
Французинот премногу често е мета на критиките оваа сезона, слично како и минатата. И покрај неговите индивидуални успеси, реалноста е дека Реал не може да постигне успех со него во тимот. Занимливо е што ПСЖ, без него, може повторно да се бори за трофејот.
Пред вас е низа факти кои звучат неверојатно.
Мбапе пропадна во седумгодишната авантура со ПСЖ, без да ја освои Лигата на шампионите. Од друга страна, во првата сезона без него, ПСЖ ја освои титулата, а веќе во втората достигна до полуфиналето и повторно има шанси за одбрана на трофејот.
Во четирите години пред доаѓањето на Мбапе, Реал Мадрид освои две титули во Лигата на шампионите и играше уште во две полуфиналиња. Но, со него во составот, двата последователни патувања завршија во четвртфинале.
Во Ла Лига, Реал Мадрид освои две титули за три сезони. Со Мбапе, клубот полека се приготвува да остане без титула втора година по ред.
Што се однесува до „Ел Класико“, пред доаѓањето на Мбапе, Реал победи четири од пет дуели против Барселона. Во шесте дуели со негово учество, резултатот е една победа и пет порази.
И индивидуалните бројки на Килијан Мбапе не можат да ја пренесат реалната слика на клубот. Тој е најдобар стрелец во годинашната Лига на шампионите со 15 гола, но Реал загуби во двата натпревари од Баерн Минхен во четвртфиналето, додека претходно ги совлада Сити во два натпревари без него.
Во Лигата на шампионите, Мбапе постигна својот 70-ти гол, што е еден помалку од легендарниот Раул Гонзалез. Сега, тој е шести на листата на најдобри стрелци во историјата. Сепак, сите пред него успеаја да го освојата трофејот: Кристијано Роналдо, Лео Меси, Роберт Левандовски, Карим Бензема и Споменатиот Раул.
Мбапе ќе мора да чека до следната сезона за да ја оствари целта што, на 27 години, сè уште го држи меѓу фудбалските великани кои не ја освоиле Лигата на шампионите, како Роналдо Назарио, Џанлуиџи Буфон, Златан Ибрахимовиќ, Руд ван Нистелрој и Франческо Тоти.
И на крај, има уште еден неочекуван податок во врска со бројките на Мбапе и Реал. Во периодот додека Французинот беше повреден, Реал Мадрид забележа пет победи, вклучувајќи две против Манчестер Сити во Лигата на шампионите и победа во дербито против Атлетико Мадрид.
По неговото враќање, тимот на Арбелоа не успеа да запише ниту една победа. Откако Мбапе се врати, Реал одигра четири натпревари без победа, со три порази, два против Баерн и еден против Мајорка, и исто така реми против Џирона.
Фото/ Depositphotos




