Европските медиуми денеска оценија дека претседателот на Русија, Владимир Путин упатил предупредување до Западот и „го пречекорил опасниот праг“ со нападот со руска балистичка ракета врз Украина, откако украинската армија истрела американски ракети врз руска територија.
Италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“ објави дека „руската ракета ’Орешник‘ е новото оружје на Путин што Киев не може да го собори … што е и предупредување за НАТО“.
Полскиот весник „Политика“ бара од Западот да не го остави неказнет овој руски напад врз, како што нагласува, „небранетата земја“.
Францускиот весник „Монд“ оцени дека ова „предупредување на Путин“ има посебна тежина затоа што „првпат во воената нуклеарна историја бил употребен ваков тип проектили способни да носат нуклеарни боеви глави“. Весникот посочува и оти Кремљ го известил Вашингтон половина час пред нападот.
Британскиот неделник „Економист“ посочува дека „е надминат новиот опасен праг“ во конфликтот на Западот со Русија, бидејќи ракетата „Орешник“ истрелана кон Украина е првата интерконтинентална ракета со повеќе боеви глави „а можеби не и последната“.
Рускиот опозициски политичар Лев Шлосберг на мрежата Телеграм и на веб-страницата Ехо сугерира дека „ваквите заострувања не можат да бидат бесконечни … а може да одвратат од амбис или да ги скршат сите пречки“.
– Досега се случуваше ова второто, не останува уште многу време бидејќи двете страни ги исцрпија резервите на муниција и само уште два-три чекори и двете страни ќе бидат подготвени да употребат нуклеарно оружје … а потоа единственото нешто што може да почне е светска војна, истакна Шлосберг.