Вицепремиерот и министер за животна средина ова го кажа прашан што е денеска поразлично кај коалицијата „Вреди“ одошто кај ДУИ, која долги години беше владејачка партија, а Меџити и самиот на високи партиски функции во неа. Разликата, вели тој, е во тоа што се нудат нови кадри без хипотеки и без багаж
И кога правиме грешка, што е својствено во политиката и во животот, имаме храброст да го прифатиме тоа и да се подобриме, но не се работи за суштински и стратешки грешки. Ова, за Гласот на Америка на македонски јазик, денеска од Вашингтон го изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој е дел од коалицијата „Вреди“.
Тој ова го кажа прашан што е денеска поразлично кај коалицијата „Вреди“ одошто кај ДУИ, која долги години беше владејачка партија, а Меџити и самиот на високи партиски функции во неа.
„Се работи за нова коалиција сочинета од четири субјекти и тоа од пред само една година, што во суштина е револуција на политичката сцена во Македонија. Така што, ни треба и малку време да се уходаме, да се запознаеме меѓусебно и да функционираме под капата на ‘Вреди’. Разликата е во тоа што се нудат нови кадри без хипотеки, без багаж и мислам дека Македонија има нов почеток“,
изјави Меџити.
Владата, како што додаде, има партнери кои не носат хипотеки од минатото, но се подготвени да се соочат со корупција, и да се заложат за економски развој и подобрување на животниот стандард
„Добро е за демократските процеси да има промени во албанскиот кампус бидејќи долго време имаше силна политичка партија која над 20 години беше на власт, што не е карактеристичко за демократските држави, и имаше една расцепкана опозиција. Сега и во албанскиот кампус има два блока и тие се натпреваруваат во идеи, во програми, во платформи со што придобивка имаат и Албанците, но и целата држава бидејќи конкуренцијата ќе придонесе за подобар стандард, подобро образование, подобро здравство и во албанскиот кампус“,
додаде вицепремиерот и министер за животна средина.
Прашан дали како коалиција имаат намера да ја притиснат ВМРО-ДПМНЕ за деблокирање на процесот за пристапување во Европската Унија, Меџити вели дека работат и со нив и со стратегиските партнери за забрзување на овој процес кој, како што рече, е во интерес на сите граѓани.
„Како политички субјект во Собранието и на политичката сцена само Левица е анти ЕУ и анти НАТО настроена, сите други политички субјекти без разлика од која провиниенција доаѓаат, сметаат дека единствена алтернатива се НАТО и ЕУ. Во принцип, и нашиот партнер ВМРО-ДПМНЕ гледа на ова исто како и ние“,
додава тој.