Меџити: Приоритет на „Вреди“ е да биде дел од влада ориентирана кон ЕУ и НАТО

Носителот на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата „Вреди“ во Изборна единица 1, Изет Меџити, денеска на прес-конференција порача дека приоритет на албанската опозиција е да биде дел од идна Влада која е ориентирана кон Европската унија и НАТО. Во врска со можното постизборно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ и со условот за уставни измени, Меџити вели во овој момент фокус на „Вреди“ се кампањата и средбите со граѓаните. 

– Ние и порано и сега кажавме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за влада, која ќе биде европски ориентирана кон НАТО и ЕУ, за нас тоа е приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, на нашата програма, на контактите со граѓаните, а овие ставови ќе ги разговараме на маса. Нашиот став е јасен, нема дилеми кој е ставот на Влен за евроинтеграции, вели Меџити.

Посочи дека се соочуваат со постојани провокации од страна на Европскиот фронт предводен од ДУИ и на тој начин се обидуваат да ја дефокусираат јавноста.

– Митингот што ние го одредивме во Чаир на плоштад „Скендербег“, тие ист термин одредија на плоштад „Македонија“, а знаеме дека луѓето поминуваат низ таа чаршија. За да се избегнат инциденти ние пролонгиравме еден ден, отидовме во Гостивар, па се вративме во Скопје. Видовте дека дојдоа да провоцираат и да слават пред штабот на Влен. Исто така видовте провокација на Груби пред Општина Чаир, иако овие се парламентарни избори, иако цело време викаат дека фокус им се големите партии, а не Влен, утредента дојдоа во Чаир, каде што имаше провокации од видни членови кон нас, рече Меџити.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Во врска со најавениот завршен митинг на Коалицијата „Вреди“ во Тетово, Меџити рече дека веќе имаат добиено дозвола од Општина Тетово и ќе се одржи.

– Поради нив имаше доста пукање, убавање, ранети и од нивните политики им нанесоа последици на граѓаните и на такви методи мислат. Ние како опозиција како Влен избегаваме провокации, бидејќи ние го бараме гласот на граѓанинот за да му го подобриме животот, а не за да нанесеме вакви тешкотии. Имаме дозвола од Општина Тетово и најавено е во полициска станица за завршниот митинг во Тетово. Но, пред се и над се, ќе биде 8 мај, а пред тоа да биде мирно и позитивно, бидејќи само на тој начин ќе има услови граѓаните да го кажат своето мислење и со својот глас да ги однесат во опозиција, рече Меџити. 

- Реклама -