Меѓународната изложба „Нема време за работа.Нема време ослободено од работа“ на која ќе заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, ќе биде отворена на трети септември во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ е меѓународен изложбен проект кој вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и земјите од поранешна Југославија, а е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“.
Јавна програма
3. септември
18:00 Дискусија
20:00 Отворање
24. септември
20:00 Промоција на брошурата: Прекарно за почетници и публикацијата Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции и диџеј (DJ)
Курирано од: Здружение Јиндрих Халупецки, кураторски колектив (Барбора Ципрова, Вероника Чечова, Тереза Јиндрова, Карина Котова) и Ивана Васева (Факултет за работи што не се учат-ФРУ/19. АКТО Фестивал на современи уметности)
Учесници/Уметници се Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, Хевит Колектив, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, Стонителерс.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е меѓународен изложбен проект кој вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и земјите од поранешна Југославија. Првата верзија на проектот има форма на групна изложба и дискурзивна програма во Националната галерија на Република Северна Македонија-Мала Станица во Скопје (поврзано со 19. АКТО фестивал за современи уметности) и ќе продолжи подоцна оваа есен во Прага.
Проектот црпи инспирација од текстот „Сета моќ за работничките совети”, на чешкиот теоретичар на уметност Јиндрих Халупецки, објавен 1969, во кој Халупецки ги критикува и “класичната демократија” и “авторитативно измислениот и применет социјализам по 1948”.
Неговиот повик за целосна преобразба на социополитичкиот систем, вистинската слобода и директно учество на народот во јавната сфера и во доменот на културата, завршува со следните зборови: „Сета моќ на работничките совети, селаните, младите луѓе, интелектуалците. Како кога би можеле, уште еднаш, како за првпат, да ги отвориме првите страници на прирачникот за револуција и после сето разочарување и очај, уште еднаш, да посегнеме по слобода во овој свет”. За издавање на текстот, на Халупецки му беше забрането јавно да се произнесува цели 20 години.
Инспирирани од оваа револуционерна визија, проектoт се фокусира на темата на уметничката работа и условите во истата, и ги зема во обзир специфичните улоги кои современата уметност и културата можат да ги играат во пошироките општествени и политички контексти на своето време. Една од амбициите на проектот е да придонесе во меѓународните дискусии за Статусот на уметникот и можноста да се претстави универзален основен приход (не само) за културни работници. Тој исто така обезбедува и своевидна компаративна анализа и ги мапира потеклото и моменталната состојба на Стаусот на уметникот, пракса востановена во пост-југословенскиот регион, со различни привилегии, и новата иницијатива во Чешката Република на таа тема. Иако начинот на размислување произлегува од минатото, тој првенствено е засегнат со иднината на уметноста и уметничката работа, потенцијалот на уметноста да учествува во промената на социо-политичките системи и да може да си замисли подобри услови за живеење за сопствената егзистенција.
Природата на проектот е експериментална и се базира на блиската комуникација со уметниците вклучени во него. Целта е да се покаже концентрација на уметници и културни работници кои се соочуваат со тешкотии и прекаризација во моменталниот социо-економски систем.
Во првата фаза, кураторскиот тим избра одредени уметници и нивни постоечки дела поврзани со темата на работа, како во буквална така и во преносна смисла. Кураторите потоа влегоа во дијалог со уметниците кои изложуваат, за реалните наспроти идеалните услови за создавање и изложување на конкретно дело (преку пишан прашалник, онлајн интервју и заеднички резултати). Мултилогот со учесниците е дополнет со гледиштата на соработниците кои на различни начини помагаат во создавањето на изложбата и чие работење вообичаено е невидливо и непризнаено. Врз основа на овие разговори, е формулирана постапката и формата на изложбената инсталација, која има за цел не само конкретни уметнички дела, туку и да ги открие процесите зад нивното создавање и презентација – вклучувајќи ги и ограничувањата на тимот за имплементација и институционалната позадина (простор, буџет, време…).
Меѓу резултатите од овој колективен процес се и две нови форми: аудио дело кое произлегува од одговорите на уметниците на прашалниците, собирајќи ги нивните лични услови, критиката на постојниот систем, како и визиите за промени.
Друго колективно дело е сет барања до (уметничките) институции, во кој кураторите на изложбата ги собраа и структуираа конкретните повици за промени од страна на уметниците, кои се движат од многу реални до утописки, но секако вредни за залагање.
Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во Северна Македонија.
ФРУ беше еден од основачите на Јадро – асоцијација на независната уметност и култура, иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ преку која нејзиниот член Ивана Васева беше дел од подготовката на новиот Закон за култура, а Филип Јовановски беше дел од иницијативата за поддршка на фриленсерите за време на корона пандемијата.
ФРУ го организираше меѓународниот симпозиум за преиспитување на иднината од перспектива на трудот, „Прекарни во капиталистичката култура. Дали треба да продолжиме да живееме вака?“ во Кино Култура во 2019 година и го направи предавањето-перформанс „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ од Ивана Васева и Биљјана Тануровска-Ќулавковски во 2016 година, како и Културниот и уметнички центар Текстил, долготраен колаборативен проект на Филип Јовановски (2016 – 2020).
ФРУ исто така ја започна иницијативата за истражување и анализа на слободните културните работници во Република Северна Македонија, заедно со Виолета Качакова во 2019 година и оваа изложба е продолжение на тоа.Здружение Јиндрих Халупецки е платформа и невладина непрофитна организација на чешката постреволуционерна и современа уметност во меѓународен контекст со седиште во Прага. Здружението, именувано во чест на водечкиот чешки теоретичар и критичар на визуелните уметности и литературата, есеист и филозоф Јиндрих Халупецки (1910–1990), има за цел да иницира и поддржува иновативни и експериментални уметнички, кураторски и истражувачки активности и да придонесе за зајакнување на улогата на современата чешка уметност на локалната и меѓународната сцена, вклучувајќи ги и регионите надвор од главните културни центри. Здружението е симбол на значаен континуитет и флексибилност, постојано преиспитувајќи ги своите форми и можности како организација која активно пристапува кон најсовремените настани како на, така и надвор од уметничката сцена. Здружението Јиндрих Халупецки е дел од иницијативата Феминистичка (уметничка) институција и го следи нивниот Кодекс на работење: www.feministinstitution.cz.
Од 1990 година, Здружението ја доделува Наградата Јиндрих Халупецки за млади визуелни уметници како член на платформата Награди за млади визуелни уметници (Young Visual Artists Award-YVAA), мрежа на награди за млади уметници од Централна и Источна Европа.