Менувам дрво за златници

Си живеел некогаш еден обичен човек. Тој го заработувал лебот со труд и не бил богат, но од се срце сакал да прави добрини. Затоа еден ден решил да посади дрво на еден крстопат.

„Некој ден ќе си заминам од овој свет – си мислел човекот, – но дрвото ќе остане по мене. Ќе цвета секоја пролет, а во топлото лето уморните патници ќе се одмораат во неговата сенка. Да бев богат, повеќе би направил за луѓето, но … ”

Започнал човекот да ја остварува својата намера. И додека копал дупка во која ќе засади дрвце, лопатата удрила на метал. Во јамата нашол железно сандаче, полно со злато и скапоцени камења. Човекот се радувал од душа:

– Ех, какви добрини можам да направам сега!

Го грабнал сандачето и тргнал кон дома.

Но како што често се случува во слични околности, тој се оддал  на луксузен живот и неговите најдобри намери исчезнале. Станал бесчувствителен кон човековите маки и проблеми. Меѓутоа, животот уште еднаш докажал дека готовите пари лесно се трошат. Така и се случило. На стари години се довел до питачки стап, чекајќи си ја смртта во една колиба. Токму таму болеста го оковала за креветот.

Во агонија од треската човекот сонувал како оди во пустина, а сонцето безмилосно сјаело како огромен златник. Чувствувал дека е заробен во огнена стапица и мечтаел за зелена сенка, во која барем за миг ќе се скрие од подлите зраци. Тргнал во бегство со последни сили со надеж да пронајде оаза. И тогаш сфатил со ужас, дека не го засадил она дрво …

Мисла на денот

- Реклама -