Меркел сакала да иницира руско-украински разговори: „…Но за Путин е важна само моќта, а јас веќе ја немав“

Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека пред заминувањето од функцијата сакала да воспостави европски формат разговори за решавање на тензиите долж украинската граница, во кои би биле вклучени францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.

Во интервјуто за магазинот „Шпигел“, таа вели дека се обидела да го стори тоа летото 2021 година.

„Но, јас веќе немав овластување да го туркам, бидејќи веќе сите знаеја: таа наесен ја напушта функцијата”, вели таа.

Меркел своето заминување го најави неколку месеци пред парламентарните избори во Германија одржани во септември минатата година. Составувањето на коалицијата одзеде време и во декември беше спроведено конечното предавање на власта.

Русија ја покрена воената акција во Украина на 24 февруари, нешто повеќе од два месеци подоцна.

Во август 2021 година Меркел отпатува во Москва, што беше нејзина последна официјална посета на руската престолнина, а за „Шпигел“ открива како се чувствувала тогаш.

Прочитајте и:  Украински пратеник го предложи Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир

„Тоа чувство беше сосема јасно. Што се однесува до политичката моќ, вие сте завршени. А за Путин е важна само моќта“, рече таа.

Меркел беше иницијатор на Нормандискиот формат, рамка договорена во средината на 2014 година што ги вклучуваше Германија, Франција, Русија и Украина по руската анексија на полуостровот Крим во февруари истата година.

Од Форматот произлегоа договорите од Минск кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, кои никогаш не беа целосно спроведени.

Откако ја напушти функцијата, критичарите ја обвинија поранешната канцеларка дека ја става Германија во премногу зависна позиција кон руските извори на енергија, особено гасот.

Пред да ја напушти канцеларската функција, владата на Меркел беше под силен притисок од сојузниците, пред сѐ од САД, кои бараа да го запре процесот издавање дозволи за поставувањето гасоводи на дното на Балтичкото Море. Со почетокот на руската инвазија тој проект е стопиран.

- Реклама -