Мета елиминира илјадници лажни Фејсбук и Инстаграм налози од Кина


Експерти од Мета, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, идентификувале и елиминирале илјадници лажни налози од Кина на социјалните мрежи чија цел била поларизација на САД, соопшти компанијата.

-Некој во Кина направил илјадници лажни налози на социјалните мрежи дизајнирани да изгледаат како да се работи за Американци и ги користел за ширење спорна политичка содржина во очигледен обид да ги подели САД во пресрет на изборите следната година, соопшти компанијата Мета.

Мрежата од речиси 4.800 лажни налози се обидуваше да изгради стабилна публика, но беше идентификувана и елиминирана од експерти од компанијата во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм, пренесува Гласот на Америка.

Налозите, според соопштението, имале лажни фотографии, имиња и локации за да изгледаат како секојдневни американски корисници на Фејсбук кои се занимаваат со политички прашања. Наведено е дека наместо да се шират лажни содржини, како што тоа го правеа другите мрежи, налозите се користени за повторно споделување на објави од платформата „Икс“ (Твитер), кои беа креирани од политичари, новински куќи и други.

Компанијата Мета платформс, со седиште во Менло Парк во Калифорнија јавно не ја поврза кинеската мрежа со Владата на таа земја, но утврдила дека потекнува од таа азиска земја.

- Реклама -