Метеоролозите најавуваат нестабилно време со обилен дожд

Управата за хидрометеоролошки работи најавува нестабилно време со пообилни врнежи и локално невреме.

Како што информираат од УХМР,  под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, денеска во вечерните часови почнувајќи од запад ќе има врнежи од дожд кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде.
„Во текот на ноќта, наместа врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и засилен ветер“, стои во соопштението од УХМР.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, велат од УХМР.
Времето утре ќе биде претежно облачно и значително посвежо, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m2 за 24 часа), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и услови за појава на град.
Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а преодно стабилизирање на времето во четврток.
Под влијание на нова влажна и нестабилна воздушна маса врнежи повторно се очекуваат во петок.

Извор