Мандатарот на идната влада Христијан Мицкоски денеска изјави дека не ја чул изјавата на претседателот на Собранието Африм Гаши дека негова татковина е Косово, и рече дека доколку тоа е така тој треба час поскоро да им се извини на граѓаните.
-Јас не сум ја слушнал изјавата на Африм Гаши. Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што јас сум го разговарал со господинот Африм Гаши сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Не знам за таква изјава, не сум слушнал. Но ако има таква изјава тогаш треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи, бидејќи од тука зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Валсите, Бошњаците е избран за претседател на македонското Собрание, изјави мандатарот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на мандатот во Вила Водно.
Во врска со написите за ДУИ и дека имало понуда да влезат во Владата, Мицкоски рече дека ги гледа етноцентристичките изјави на некој од официјалните лица на ДУИ и дека можеби на тој начин сакаат повторно да внесат етнички провокации во соживотот во Македонија. Ако продолжат така, додаде тој, многу скоро вистината ќе излезе на виделина.
– Ги гледам етноцентристичките изјави коишто доаѓаат од некој од официјалние лица на ДУИ. Можеби на тој начин сакаат повторно да внесат етнички провокации во соживотот во Македонија со тоа што овие преговори за формирање на идната влада и институциите ќе бидат сведени на прашање колку добиле Албанците, Македонците, Србите, Власите и останатите. Ја следам внимателно оваа игра, многу опасна игра на поединци коишто опасно играа изминативе седум години. И ако така ќе продолжат многу скоро од денеска вистината ќе излезе на виделина, рече Мицкоски.
Во однос на преговорите со Вреди и ЗНАМ, кажа дека тој не би сакал овие преговори да бидат бројки, и да се гледа нумерички на нив.
Пред се, сакам тоа да биде процес којшто ќе додаде вредност, процес на квалитетни решенија и одлуки и мислам дека е таков, рече Мицкоски.