Мицкоски: Органодарителството е најсилен доказ дека човечноста живее и по крајот на еден живот

Премиерот нагласи дека е од исклучителна важност јавно да дискутираме за органодарителството, како и да ја зголемуваме свеста во општеството и да ги охрабруваме луѓето да се запознаат со значењето на оваа одлука. Секој од нас може да се најде во ситуација да му е неопходен орган за спас на животот, а истовремено, може да биде и причина некој друг да добие нова шанса.

„Трансплантацијата претставува нов почеток за човек кој сметал дека надежта е изгубена. Тоа е шанса за родител кој сака повторно да биде покрај своите деца. Тоа е можност за млади луѓе да продолжат со учење, работа и животни успеси. Зад секоја успешна трансплантација стои една длабока човечка приказна, приказна полна со борба, трпение, вера и надеж. Приказна за оние кои чекале со месеци или години на повик што значи нов живот за нив. Приказна за семејства кои минуваат низ тешки времиња, но никогаш не ја губат надежта,“ рече Мицкоски.

Тој истакна дека зад секоја успешна трансплантација стои и друга приказна — за семејства кои, и покрај огромната болка и личните трагедии, успеале да најдат сила да постапат со исклучителна храброст.

„Во моментите на најтешка загуба, тие одлучуваат животот да продолжи преку други. Затоа, денес им оддаваме почит на сите донори и нивните семејства. Нивната хуманост е пример за општеството. Тие покажуваат дека и во тешките мигови, човекот може да размисли за другите и да подари надеж таму каде што изгледа дека повеќе нема. Специјална благодарност им должиме и на здравствените работници, кои се дел од овој комплексен и одговорен процес,“ нагласи Мицкоски.

Тој објасни дека докторите, хирурзите, анестезиолозите, координаторите за трансплантација, медицинските сестри и целокупниот медицински персонал носат голема одговорност секој ден.

„Тие работат кога другите одмараат. Тие дежураат додека други спијат. Нивните одлуки во моментите кога секоја минута е важна можат да донесат разлика помеѓу живот и смрт. Нивната работа не признава празници, викенди или работно време. Нивната мисија е животот, а животот нема пауза. Затоа нивната преданост заслужува огромно уважување. Како држава, нашата обврска е да бидеме партнер во овој процес. Затоа, продолжуваме да инвестираме во здравствениот систем, во современа опрема, нови технологии и едукација на медицинскиот кадар, за трансплантациската медицина да продолжи да напредува,“ додаде Мицкоски.

Прочитајте и:  Мбапе се огласи по повредата против Мароко: „Се чувствувам добро“

„Силен и модерен здравствен систем не се создава преку ноќ; тој е резултат на посветеност, визија и постојани инвестиции во знаење, луѓе и технологии,“ додаде тој.

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека Предлог-законот за измена на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело веќе е во финална фаза во Владата.

„Утре, на седница на Владата, ќе ја презентираме драфт верзијата на измените. Со новите законски одредби, секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе треба да се изјасни дали сака да биде органодарител по смртта. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој Термин,” со двојна верификација, па секој момент може да ја промени или повлече својата одлука,“ истакна Алиу.

Тој додаде дека по започнувањето на системот, тој веднаш ќе се регистрира како органодарител.

„Со поддршка од Владата и релевантните институции, оваа тема конечно ја поставуваме во центарот на јавниот разговор. Нашата цел не е само да имаме обучени медици. Потребно е да создадеме општество што ја разбира вредноста на дарувањето, му верува на системот и знае дека едно решение може да спаси многу животи. Ова е само почеток, ќе продолжиме со интензивирање на институционалните активности,“ додаде министерот.

Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, истакна дека иницијативата е насочена кон зголемување на свеста на граѓаните за важноста на органодарителството, особено за пациентите на листите на чекање.

„Најголемата причина зошто луѓето одбиваат да донат е тоа што барањето доаѓа во моментите на најголема загуба. Потребно е да се осигуриме дека сме свесни за последиците од нашата одлука. Еден донор може да спаси до осум животи. Секој од нас може да се најде на листата за трансплантација и тоа не за неколку години, туку во следниот момент. На крајот, грижата за другите е всушност грижа и за самите нас,“ заклучи проф. д-р Антовиќ.

Трибината беше посетена од претставници на Владата, здравствени институции, трансплантациски тимови, граѓански организации, студенти и здравствени работници.