Мицкоски по повод 23 Октомври: Да не го губиме времето на поделби, туку да создадеме општество на можности и почит

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им го честита на граѓаните Денот на македонската револуционерна борба. Преку својот фејсбук профил на кој ја објави честитката, Мицкоски порачува да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот и на создавање општество на можности и почит.

-Нека е честит и вековит денот на Македонската револуционерна борба. На овој ден е формирана и Македонската револуционерна организација. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест. Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност, наведува Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

На овој ден, повикува премиерот, да се потсетиме на хероите кои ги дадоа животите за слободна Македонија, но и на заветот кој не обврзува.

-Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда, и економски просперитет. Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква граѓаните заслужуваат. Да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит. И ова е заедничката битка во остварувањето на целта.
Нека е вечна организацијата и нашата Македонија. Со целосна почит за Македонската револуционерна борба, потенцира Мицкоски.

- Реклама -