Мицкоски до Спасовски: Привилегија е професионалец како Божиновска да биде во владата, таа е поголема Македонка од сите вас заедно

Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија, затоа што тоа што таа го има направено на професионален план во енергетиката, вие не можете  ниту да сонувате, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во Собранието, во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски.

Спасовски денеска на премиерот Мицкоски му го постави прашањето во врска со министерката за енергетика и бугарска државјанка Сања Божиновска, која своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло во 2004 година.

Тој го праша Мицкоски дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од страна на министерката Божиновска.

Мицкоски одговори дека Божиновска е професионалец со исклучително квалитетни позиции во минатото.

-Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Затоа што тоа што го она го има на професионален план во енергетиката направено, вие не можете  ниту да го сонувате, а камо ли да се приближите. Нејзината биографија и нејзините постигнувања се нешто за кое што барем можевте да излезете овде и да кажете „секоја чест за стручноста и за личните постигнувања“. Сега се доведуваме во ситуација да е грев ако сме успешни, рече Мицкоски.

Тој напомена дека овие изјави кои се пласираат во јавноста немаат поврзаност со секторот што го води министерката Божиновска.

-И сега се доведуваме во ситуација да зборуваме работи кои што навистина немаат никаква поврзаност, ниту пак јавноста ја интересира, ниту пак има некаква врска со тоа што го води Сања. Јас ќе ви кажам бидејќи ја знам долго време, од 2012 година се знаеме, верувајте ми, за нејзе знаеја светскиот бизнис крем од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Додека, ние имавме политичари во македонската влада кои што имаа проблем со патот до Врање, додаде Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Тој обраќајќи се кон пратеникот Оливер Спасовски, рече дека Сања Божиновска е поголема Македонка и притоа го обвини дека тоа што тој како министер го направил во Министерството за внатрешни работи е „најлошиот дебакл што се случил во државата“.

-Ние наместо да сме горди, среќни што имаме професионалец, човек кој што има исклучително квалитетни позиции во минатото, луѓе конекции кои што можат да бидат додадена вредност, ние сега измислуваме приказни кои што апсолутно немаат никаква врска ниту со енергетиката, ниту со рударството ниту со минералните суровини. Тоа е исто како сега јас да ве напаѓам вас за нешто кое што нема никаква врска со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци. Јас ви гарантирам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Нема поголема Македонка. Јас ова ви го кажувам и потврдувам, рече Мицкоски.

Оливер Спасовски откако посочи дека е незадоволен од одговорот на премиерот Мицкоски, ја подели декларацијата до пратениците, којашто Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест. Документот, на кој се гледа потписот на министерката, денеска го објави бугарската новинска агенција БГНЕС.

„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство“, се вели во изјавата.

- Реклама -