Мицкоски: Судијата Пајазити има многу дискутабилни одлуки, Судскиот совет да одлучи за неговата кариера

Оставам на Судскиот совет што понатаму со судската кариера на судијата Пајазит Пајазити, истакна премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали судијата Пајизити треба да одговора за бегството на Блерим Рамадани.

Според Мицкоски, Пајазити е омилен судија на партиите СДСМ и ДУИ и како што рече, со многу дискутабилни пресуди во минатото.

-Тој е омилен судија на СДСМ и ДУИ и тој ги има покажано своите одлики во минатото. Пајазити е судија којшто во минатото има направено многу ваков тип на пресуди коишто се дискутабилни и јас оставам на Судскиот совет да одлучи што понатаму со судската кариера на Пајазити, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино.

Премиерот повтори дека се потребни реформи во правосудниот систем поради, како што рече катастрифалната и катаклизмична доверба.  Потенцираше дека реформи се потребни за да се порази безбедносната закана, од пандемиска состојба со криминал и корупција, бидејќи, посочи, „не значи безбедносна закана само ако некој земал оружје во рака и ја загрозува територијата на државата“.

-И да, во нашата Програма стои дека треба да биде распуштен Судскиот совет, ваков каков што е партизиран. Но и Советот за јавни обвинители, бидејќи гледате таму што се случува. Луѓе кои се дел од институција, полека но сигурно имаат признание за сторени кривични дела итн. Но, бидејќи се отвори дебата во јавноста, ние сме подготвени како транспарентна Влада, Влада којашто сака да се грижи за иднината, а не за минатото да ги сослушаме сите и ако е потребно да направиме еден мозаик од сето тоа, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски од Приштина: Економската соработка со Косово ќе биде над половина милијарда евра

Повторувајќи дека ако немаме правна држава имаме и безбедносна закана рече дека поради ова не смее да се дозволи да имаме криминални политичари, криминалци и високо ниво на корупција.

-Ако имаме партизирани, криминализирани во правосудството, не велам сите, туку поединци. Тоа е исто како вие да имате едно буре со најубавата, најбистрата вода и да земете неколку лажици фекалија да ставете, тогаш за бадијала ви е ако имате мнозинство од луѓето коишто се таму прекрасни, перфектни, кога неколкумина злоупотребуваат и го рушат угледот и дигнитетот на сите луѓе во фелата. Така што сега засега јас навистина покреативна и поконстантна политика од онаа којашто ја имаме не сум слушнал од сите оние коишто сме ги сретнале, изјави Мицкоски.

Тој од Неготино порача дека ќе продолжат со консултации за реформите во правосудството, со цел да се дојде до формулата, со којашто граѓаните ќе веруваат дека правдата важи за сите.

- Реклама -