Мицкоски: Во ДУИ ја чувствуваат нашата одлучност за борба против криминалот и корупцијата

Христијан Мицкоски денеска потенцираше дека новата влада има четиригодишен мандат поткрепен со над 600 илјади гласови и дека сега е време да се испорача ветеното пред избори

Фото: Архива

ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време ќе се подготвуваме.

Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски упатена кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој рече дека е подготвен за следната година со локалните да има нови, парламентарни избори.

Мицкоски оваа изјава ја даде денеска за време на неговиот надзор на работите на патниот правец Прилеп-Битола.

„Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат се што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да бидат одговорни. Затоа, како резултат на тој страв, тие би рекол непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи“, 

изјави Мицкоски.

Тој потенцира дека новата влада има четиригодишен мандат поткрепен со над 600 илјади гласови и дека сега е време да се испорача ветеното пред избори.

„Тоа е борбата против криминалот и корупцијата, реформите, напорна работа, проекти… Тоа е она кое ние го ветивме и тоа е она што во овие четири години планираме да го испорачаме“,

рече премиерот.

Според него ДУИ и СДСМ се храбрат но „кукавички се затскриваат и јавноста беше свесна за одговорот што дојде од СДСМ дека тие практично како политичка партија се научени само да импровизираат, а не да испорачаат нешто што е важно за граѓаните“.

- Реклама -