Мицкоски за разговорот со Главчев: Да се релаксираат односите, да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка

Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека на маргините на официјалната фотосесија на лидерите на влади и шефови на држави на НАТО самитот во Вашингтон остварил кус разговор со премиерот на Бугарија, Димитар Главчев.

– Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што посочив дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции, наведува Мицкоски.

За разговорот со Мицкоски се огласи и бугарскиот премиер Димитар Главчев, кој кажа дека станало збор за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство.

– Двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи. Може дури и да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија, изјави Главчев.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Бугарскиот премиер истакна дека треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, пред се во изјавите, бидејќи меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат тие односи, не треба ни да ги попречуваат.

Според него, кога соработката ќе биде на задоволително ниво треба да почне да се развива и поврзувањето во сите аспекти, како во транспортот, економијата…

– Но, треба да се исполнат и обврските кои што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени, додаде Главчев.

- Реклама -