Милановиќ: Европа не е во војна со Русија, Германија можеби е

Испраќањето западни тенкови во Украина ќе ја продолжи војната во оваа земја, а доколку Вашингтон и Русија не се договорат, ќе следи Трета светска војна, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пренесе Хина.

Украина вчера доби големо засилување на своите копнени сили откако Германија и САД соопштија дека ќе испратат тенкови во Киев.

„Војната ќе продолжи“, им рече Милановиќ на новинарите.

„Сите тенкови, и руски и американски, горат на ист начин, а во нив седат луѓе кои или умираат или бегаат“, додаде тој.

Милановиќ предвидува дека војната во Украина ќе трае додека „Москва и Вашингтон на некое место не го договорат нејзиниот крај“, што е „страшно, тешко и далечно“, пренесува хрватската агенција.

Во тие разговори нема да бидат прашани „Загреб, Берлин, Париз, Брисел“, а ако тие не се одржат, светот полека ќе се движи кон Третата светска војна, предупреди хрватскиот претседател.

Прочитајте и:  Кремљ: Смешно и апсурдно е да се обвинува Русија за оштетување на каблите во Балтичко Море

Милановиќ ја критикуваше шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, која во Советот на Европа рече дека европските земји треба да бидат обединети и да престанат да се обвинуваат меѓусебно бидејќи Европа војува против Русија, а не една против друга.

Милановиќ вели дека досега „не видел вакво лудило“ и дека не знаел дека Европа војува со Русија.

„Можеби Германија е во војна со Русија. Со среќа нека им е овој пат, нека заврши подобро од пред 70 години, но ние не сме во војна со никого“, рече тој.

„Од неа дознаваме дека сите сме во војна со Русија. Не сме ние, тоа е Америка, ние сме обични пиони“, рече Милановиќ.

МИА

- Реклама -