Милевски му ја предаде функцијата на Пенов, откако Собранието го излагаса за министер за локална самоуправа

Во Министерството за локална самоуправа денеска е извршено формално примопредавање на должноста министер за локална самоуправа. По изборот во Собранието, новиот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов, во кабинетот беше пречекан од досегашниот министер (и негов сопартиец) Горан Милевски, информираа од министерството.

Како што се истакнува во соопштението, на средбата се разговарало за реализацијата на тековните проекти за имплементација на политиките за локален и регионален развој, за спроведувањето на ИПА Програмите за прекугранична соработка, како и за финансиската поддршка на општините и на планските региони што се реализира од буџетските програми на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој.

За министер за локална самоуправа Пенов беше изгласан денеска на 88-та собраниска седница, со 63 гласа „за“. Тој доаѓа на функцијата откако Милевски поднесе оставка, од лични причини.

Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а беше оспорен од опозицијата. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на пример, рече дека „е нејасно зошто Курто Дудуш не е предложен за министер за локална самоуправа“.

„Можеби Ристо Пенов бил некогаш подобро запознаен со предизвиците на локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат општините, но има градоначалници во овој момент кои се соочуваат со актуелните проблеми и знаат што е најсериозно потребно за локалната самоуправа да се развива. Курто Дудуш е од ЛДП кандидат и нејасно е зошто ЛДП нема доверба тој да е министер за локална самоуправа. Курто Дудуш најверојатно не е пожелен ни во ЛДП, ни во Владата да ги застапува интересите на локалната самоуправа“, рече Милошоски.

Неговата препорака до премиерот и до Ристо Пенов, како што рече, е „да се охрабрат и да им овозможат на граѓаните да изберат премиер, министер за локална самоуправа, за економија, за здравство и сѐ друго, луѓе на кои ќе им веруваат, бидејќи очигледно е дека овој тим остварува само неуспеси“.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ, верува дека Пенов ќе биде на „познат терен“ во ресорот локална самоуправа и на тоа според неа може да се гледа како позитивен развој на настаните.

„Метрополата се најде во клинч меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ кое ја донесе на тоа место. За жал, поради неуспешниот партиски пазар стана јасно дека Скопје ќе се гуши во ѓубре, ниту едно дрво нема да биде засадено, јавниот сообраќај ќе остане нерешен, греењето и осветлувањата Владата ќе ги решава, а Данела и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја шират војната и во останатите општини во Градот Скопје. Од тие причини, уште повеќе го поддржувам предлогот Ристо Пенов да биде избран за министер и се согласувам со очекувањата на премиерот дека треба и верувам дека тој ќе демонстрира посветеност, работа, чесен пристап кон граѓаните и државата. Знам дека и колегите од опозицијата го делат ова мислење за Пенов без разлика на овој перформанс наменет исклучиво за нивното гласачко тело“, рече Шкријељ.

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, вели дека Ристо Пенов е еден од ретките политичари за кој сеќавањата во јавноста се позитивни и кој важи за политичар кој асоцира на стабилност и на искуство.

„Не е човек кој само приватизирал, туку човек што ги средил состојбите во градот Скопје. Пенов е татко на функционалноста на Скопје, новата автобуска станица, стазата на кејот, модернизација на скопскиот плоштад и ред други проекти за кои може да сведочат граѓаните“, рече Зајкова.

Извор: МИА

- Реклама -