Милионската индустрија на создавање на тригери

„Јин сака нејзиното вистинско име да остане тајност. Таа е млад зависник во своите средни 20-ти години, живее во Пало Алто и, и покрај нејзината зависност, студира на Стенфорд. Го има целиот исполиран и сталожен карактер што би го очекувале од студент на вака престижен универзитет. А сепак, ѝ потклекнува на навиката преку целиот ден. Не може да си помогне, таа е компулзивно закачена“, пишува Нир Ејал – автор на книга за продукти што формираат навика и блогер посветен на психологијата на продукти.

Јин е всушност Инстаграм зависник. Да, Инстаграм – социјалната мрежа за споделување на фотографии, неодамна купена од Фејсбук за 1 милијарда долари, која ги има заробено умовите на Јин и уште 40 милиони други како неа.

За Ејал, тоа што Фејсбук го купи Инстаграм е доволен знак за важноста – и огромната вредност – на технологиите што создаваат навика. Во својата суштина, Инстаграм за него претставува најсвеж пример на претприемачки тим кој е вешт во психологијата исто колку што е вешт и во технологијата; тим кој создаде продукт што создава зависност и кој корисниците го направија дел од нивниот секојдневен живот.

Како и сите зависници, и Јин не е свесна дека е зависна. „Само за забава е“, вели додека ја фотографира својата нова колекција од меланхолични пејзажи со изглед на 1970-тите. „Немам проблем или нешто такво. Го користам само кога ќе видам нешто кул. Чувствувам потреба да го ‘грабнам’ пред да исчезне“, вели таа.

ТРИГЕРИТЕ ВО ТВОЈАТА ГЛАВА

Финтата е што Инстаграм има изградено (инсталирано, ако сакате) предвидлив одговор во мозокот на Јин. Нејзиното однесување е прекроено преку подгревачки loop (магичен круг) кој ја има извежбано да ги поврзува работите што ги гледа во светот – со апликацијата во својот џеб.

Кога еден продукт е тесно поврзан со мислата, со емоцијата, или со претходно воспоставена навика, создава внатрешен тригер (од „trigger“, во буквален превод – чкрапец, иницијална каписла)За разлика од надворешните тригери – кои се всушност сензорни стимули (како ѕвонење на телефон или онлајн реклама што ти вика „кликни тука сега!“), внатрешните тригери не можеш да ги видиш, допреш или чуеш.

Внатрешните тригери се манифестираат автоматски во мозокот и умот, а формирањето на такви тригери е примарната цел на корисничката технологија. На пример, проверуваме Твитер кога ни е досадно. Отвараме Фејсбук кога сме осамени. Импулсот за користењето на овие сервиси го создаваат емоциите, а не ние свесно.

Но како една апликација како Инстаграм создава внатрешни тригери кај Јин и милионите други корисници? Излегува дека има шематски пристап:

1. ЕДУКАЦИЈА И НАДВОРЕШНИ ТРИГЕРИ

За почеток, Инстаграм ги исполни Твитер стримовите и Фејсбук фидовите со магични слики во сепија тон, секоја од нив со повеќе линкови кои те враќаат назад кон Инстаграм.

Прочитајте и:  Три најздрави намирници за мозокот, според лекарите

Овие надворешни тригери не само што помогнаа да се привлечат нови корисници, но исто така им покажаа и како се користи продуктот. Инстаграм ефикасно искористи надворешни тригери за да соопшти за што служи нивниот сервис. „Брзо споделување на прекрасни фотографии“ им гласи слоганот, и благодарение на јаснотијата во соопштувањето на намената на сервисот, Инстаграм успешно придоби милиони нови корисници.

Но, големиот раст не е доволен. Во свет полн со дигитални занимации, на Инстаграм (и сите слични сервиси) му требаат корисници што продуктот ќе го користат на секојдневна основа.

2. СОЗДАВАЊЕ НА ЖЕЛБА

За да ги натера корисниците да го користат, Инстаграм следеше продукт дизајн шема која е проверена меѓу технологиите што создаваат навика – шема на „hooks“, т.е. на јадици. По кликањето на Инстаграм слика преку надворешни тригери, од корисниците се бара да ја инсталираат апликацијата. Па така, почнуваат да ја користат за прв пат.

Минималистичкиот интерфејс, од друга страна, ја минимизира потребата да се мисли. Фотографија правите и споделувате со само еден клик, а потоа следат секакви сензорни и друштвени награди (лајкови, споделувања и сл.). Со секоја споделена фотографија, корисникот уште повеќе се зближува со апликацијата. Како резултат, корисникот не само што го менува однесувањето, туку му се менува и умот и мозокот.

3. ВНАТРЕШНИ ТРИГЕРИ

Преповрзување на мозочни синапси.

Конечно, навиката е формирана. Веќе нема потреба од надворешни тригери, бидејќи корисникот сега го користи Инстаграм воден од внатрешните тригери, кои се случуваат сами од себе (несвесно). Тоа се гледа во зборовите на Јин: „Го користам само кога ќе видам нешто кул“. А кул нешта во светот има многу.

Згора на тоа, на Јин ѝ се менува и сфаќањето за тоа што е „кул“. Илјадници пати погледнатиот таб „popular“ во рамките на Инстаграм апликацијата, почнува да го формира тоа „кул“ во некое „кул“ дефинирано од самата содржина на Инстаграм. А кога ќе го сподели таквото „кул“, добива фидбек од пријателите, кои ја наградуваат со лајкови и коментари.

И така сега Јин е впуштена во константен лов по фотографии што се совпаѓаат во стилот на Инстаграм. Како некаков ловец на трофеи, се чувствува обврзана да ги споделува овие моменти.

За милионите корисници како Јин, Инстаграм е пристаниште за емоции и инспирација. Тоа е некаков вид на виртуелен мемоар испишан во убави пиксели. Со смислено водење на корисниците од надворешни кон внатрешни тригери, Инстаграм дизајнираше непрекината и настојчива рутина во животот на луѓето.

Штом веќе внатрешните тригери се „запалени“, конкурентските сервиси веќе немаат шанса. Секоја фотографија дополнително ги сврзува корисниците со Инстаграм, правејќи го за нив незаменлив и екстремно вреден. А таков е и за Фејсбук, очигледно.

Medium

- Реклама -