Милошоски објаснува дали има бугарско државјанство и од каде потекнува гласината: „Во 2015-та, не знам дали се сеќавате…“

„Освен македонското државјанство никогаш сум немал, ниту пак имам намера да имам било какво државјанство, бидејќи македонското државјанство е мојата лојалност и мојата политичка определба“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, во гостувањето „10 минути“ на „ТВ21“, откако неодамна повторно ова прашање се актуелизираше со барањето на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој најави барање до претседателот Румен Радев за одземање на бугарското државјанство на еден од најгласните против Бугарија.

„Она што веќе го направив е да подготвам и во наредните денови ќе му испратам барање на претседателот да му се одземе бугарското државјанство на еден од најжестоките граѓани на Република Бугарија, со најжестоки антибугарски изјави. Човек, кој ние од организацијата, бевме сведоци како тој ласкаше на панихидата на Тодор Александров, какви работи рече, што рече во Скопје и кога го поканив тука во Брисел. А и присуствуваше на нашите настани, каков Бугарин беше. Сега постојано плука по Бугарија и јас ќе го замолам Претседателот ова државјанство да му биде одземено, поништено. И веруваме дека во иднина секој што дозволува таква политика ќе биде лишен од бугарско државјанство затоа што тој не го заслужува тоа“, рече тогаш Џамбаски без да именува, а бугарските медиуми во неговите зборови го препознаа токму Милошоски.

Прочитајте и:  Божиновска: Јотова живее во фантазии од 19. век, ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин

Милошоски, пак, посочува од каде потекнува гласината. Според него, тоа се гледа од една полициска акција спроведена во 2015 година:

„Во 2015 година, не знам дали се сеќавате, имаше еден случај со господинот Чауш, таканаречен, по прекар, кој што е пријател на господинот Заев. И се откри во една куќа како имаат одредени апаратури за произведување на фалсификувани лични карти и фалсификувани патни исправи, односно пасоши. Тогаш мислам дека СДСМ имаше обид за некои политичари од ВМРО-ДПМНЕ да штанца двојни пасоши од некои држави кои ги ставаат во негативен контекст“.

Милошоски притоа, останува на ставот дека граѓаните во Македонија треба да знаат дали нивните политичари имаат или немаат двојно државјанство:

„Ќе повторам, сметам дека секој политичар во Република Македонија треба јавно да обзнани, и тоа би требало да е достапно за граѓаните, дали има или нема двојно државјанство. А што се однесува до мене, задоволен сум што имам, досега и понатаму, само македонско државјанство“, рече тој.

- Реклама -