Милошоски: Вметнување на Бугарите во Уставот ќе ја претвори Македонија во арена на пропагандите како во 19 век

Со изјавата на членот на Извршниот одбор на СДСМ – Андреј Петров, за вклучување на Бугарите во Уставот, ги почестивме нашите источни соседи со уште една отстапка без при тоа да имаме гаранција дека нешто ќе добиеме за возврат, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, при посетата на РЕК Битола.

„Кажете ми, кога ќе седнеме на маса да преговараме дали имаме загарантиран влез во Европската Унија дали имаме загарантиран почеток на преговорите со ЕУ? И со што тоа Бугарите заслужија ние да дадеме уште една ваква отстапка? Како изминува времето сѐ повеќе отстапки даваме“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање околу изјавата на Петров, која, според него, претставува „продолжување на домат дипломатијата“ од последните четири години од страна на Зоран Заев.

„За промена во Уставот требаат две третини, а колку што јас знам ова владејачко мнозинство нема две третини во македонскиот Парламент“, потенцираше Мицковски.

„Искрено, не гледам ништо страшно во тоа Бугарита да влезат во Уставот на Македонија како малцинство кое живее во земјава. Ако тоа некој го наумил, тоа само покажува дека сме различни народи. Таа работа треба да им се остави на дипломатите“, изјави синоќа Петров во „24 анализа“ на ТВ24.

„Јас сум против ревидирање на ноторни историски факти, неспорен е македонскиот јазик“, потенцираше исто така Петров, посочувајќи дека ниту моќната и супериорна Германија не барала да се ревидира историјата.

Петров изјави и дека „не ни треба Европската Унија по секоја цена“.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, не се согласува дека вметнување на Бугарите во Уставот е нешто што може да помине без последици.

„Имајќи ја предвид структурата на државава според Рамковниот договор, секое отворање на Уставот и секое додавање нов народ во Уставот само ќе ја претвори Македонија во територија каде што ќе се натпреваруваат пропагандите како во 19 век. Како прво, било која влада со слабо и тенко мнозинство не може да одлучува за такво прашање, а особено тоа важи за новата влада во најава, бидејќи нема да има легитимитет“, изјави Милошоски за „Плусинфо“.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Тој повтори дека потпишувањето на Договорот со Бугарија било грешка.

„Во јули 2017 година, кога се потпишуваше Договорот за добрососедство со Бугарија, ние предупредувавме дека договорот е избрзана дипломатска авантура на премиерот Зоран Заев и дека таквиот договор ќе создава повеќе проблеми отколку решенија. И тогаш една од забелешките ни беше дека во овој Договор за добрососедство требаше на јасен начин да биде напишано дека договорот ќе служи за добрососедски односи помеѓу двете земји, но и за спријателување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Доколку тоа беше напишано во договорот, сега немаше да имаме вакви асиметрични проблеми во коишто едната страна бара, настојува и добива, а другата страна отстапува и коленичи“, посочи Милошоски.

Според копретседателот на ОМО Илинден Пирин (нерегистрираната политичка партија на Македонците во Бугарија) – Стојко Стојков, сите барања на Бугарија, вклучително и за измената на Уставот, индиректно се насочени против македонското малцинство во Пиринска Македонија. Според првиот човек на Здружението македонско-бугарско пријателство – Добре Митрев, ниту тоа нема да ги омекне Бугарите. Според бугарскиот професор Ивајло Дичев, пак, барањето на Софија е сосема дрско, особено што таа самата не ги признава ниту Турците како малцинство (целосните изјави прочитајте ги на „Плусинфо“).

- Реклама -