Министрите за надворешни работи на Г-7 со осуда за „неодговорната и заканувачка нуклеарна реторика“ на Русија

Министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 ја осудија „неодговорната и заканувачка нуклеарна реторика“ на Русија. Во документот објавен синоќа, тие исто така истакнаа дека поддршката што Северна Кореја ја дава на Москва претставува опасна ескалација на конфликтот и закана за безбедноста на Европа и индотихоокеанскиот регион.

Групата од седумте економски најразвиени демократии е составена од Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД. Шефовите на дипломатиите од овие земји ја повикаа Кина да стави до знаење дека е против вовлекувањето на Северна Кореја во војната во Украина.

-Користењето балистичката ракета со среден дострел од страна на Русија на 21 ноември е уште еден доказ за нејзиното безобзирно однесување насочено кон ескалација на конфликтот, се нагласува во осудата.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

Министрите изјавија дека до крајот на годината се надеваат да започнат со распределба на средствата од кредитниот пакет за Украина вреден 50 милијарди долари, од замрзнатите руски средства. На тоа повика и министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро. Освен тоа, учесниците на состанокот планираат да преземат мерки против ентитети кои ѝ помагаат на Русија да ги избегнува санкциите.

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, изјави дека Берлин до крајот на годината ќе достави на Украина уште два системи за противвоздушна одбрана IRIS-T.

На состанокот на министерите за надворешни работи од Г-7. кој се одржа во италијанскиот туристички град Фјуџи, учествуваше и министерот за надворешни работи на Украина, Андреј Сибига.

- Реклама -