Мишел: Русија врши геополитички тероризам, цената која ќе ја наметне вреди да ја платиме

Брисел, 1 март 2022 (МИА) – Лидерите на институциите на ЕУ се обратија попладнево пред европратениците на вонредната седница на Европскиот Парламент, со порака на обединетост на Европа и поддршка за Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ја обвини Русија за геополитички тероризам.

„Не е само Украина нападната, туку и меѓународното право, меѓународниот поредок базиран на правила, човечкото достоинство се нападнати. Ова е чист геополитички тероризам“, изјави Мишел.

Тој побара од Европскиот Парламент да даде целосна поддршка на Украина во неоправданата и неиспровоцирана војна што ја започна Русија и увери дека ЕУ е во целосна координација со меѓународната заедница и се формира коалиција против војната со цел максимално да се изврши притисок врз Русија и нејзините лидери.

Претседателот на Европскиот Совет ги предупреди европските граѓани дека Русија ќе одговори со противмерки на санкциите донесени од страна на ЕУ.

„Мораме да бидеме искрени, Русија ќе наметне цена за ова, која вреди да се плати, затоа што влогот се заедничката иднина и нашите вредности“, рече Мишел.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

На иста линија е и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Санкциите ќе имаат цена за нашата економија и сакам искрено да им се обратам на луѓето во Европа: после две години пандемија се надевавме дека ќе можеме да се фокусираме на закрепнување, но сигурна сум дека народот во Европа разбира дека мораме да се спротивставиме на оваа агресија, заштитата на слободата има цена, цена која сме подготвени да ја платиме. Слободата нема цена“, рече фон дер Лајен.

Челниците на ЕУ изразија поддршка за апликацијата на Украина за членство во ЕУ.

Шефот на Европскиот Совет изјави дека Европската Комисија сега треба да изготви мислење.

„Ќе биде тешко, затоа што има различни ставови, сега е на Европската Комисија да изготви мислење, Советот ќе преземе одговорност“, рече Мишел и додаде дека апликацијата за членство во ЕУ на Украина е и симболична и легитимна.

- Реклама -