Мистериозната енергија на Седона – магнет за вонземјани и НЛО-а

DSCF6800sedonaLitesSunrise-1024x682[1]

Седона, Аризона. Туристите можат да се релаксираат во спа-центрите на локалните хотели, да ги разгледуваат историските обележја во регионот, да го фотографираат прекрасниот планински и карпест пејзаж… Но сé повеќе туристи доаѓаат овде од друга причина; редовно, на дел од тие фотографии, се уловени непознати летечки објекти, за кои се смета дека се летала на вонземјани, а кои овде, се чини, ги има во голем број.

Чудните летечки тела со невообичаени форми забележани на небото над градот се толку многу, што се вели дека ни заколнатите скептици нема да можат да ги оспорат. Локалното небо е повеќе од необично, а секој посетител на областа може истото да го потврди.

Во 2005 година, додека го пие утринското кафе, Ричард Џордано прави неколку фотки од малата карпа и прекрасните планини околу неа. „Направив неколку панорамски снимки на местото, без дури и да забележам дека во самиот горен крај има темен објект. Ако се зумира фотографијата, можат да се забележат и уште три слични црни објекти во далечината, меѓу планините од левата страна“, раскажува тој.

Никој не знае што е тоа, но досега неколку пати се направени случајни фотографии со слични објекти. Три години подоцна, друг посетител на Седона објави слична фотографија на еден популарен сајт, со објаснување:

„Бев на гости во Седона. Додека се возевме кон местото, познато како Редрок Кросроуд, почнав да фотографирам преку прозорецот на автомобилот. Апаратот ми беше така поставен да можам да фатам објекти во движење, без да бидат размачкани. Следниот ден, на една од снимките забележав чудна фигура слична на дијамант и нешто како сенка на правоаголник лево од неа. Ја испратив на пет мои пријатели, од кои еден е астроном – никој не знаеше што е тоа…“.

Човеков веруваше дека успеал да фотографира НЛО, но се разочара, како и десетиците други ентузијасти кои сметаа дека виделе НЛО во мај минатата година. Се испостави дека се работи за метеоролошки балон на NASA.

453927-the-sun-sets-during-an-unidentified-flying-object-ufo-tour-in-the-dese[1]Многу локални жители и туристи во Седона тешко прифаќаат дека виденото може да е нешто друго, нешто објасниво, зашто најголемиот дел од нив чувствуваат дека ако некаде може да се види паранормалното, тоа е токму во Седона. Магијата на местото е неспорна. Приближувајќи се кон Седона, секој шофер и гостин што доаѓа по прв пат, останува зинат при глетката на величествените црвени карпи крај патот. Огромните природни формации дефинитивно изгледаат неземско, како да се изникнати од ништо или како да се земени од декорот на некој научно-фантастичен филм и намерно поставени таму. А таквата глетка дефинитивно го засилува чувството дека таму постои нешто натприродно и мистично. Самата местоположба на црвените карпи среде опширното пространство на пустината и зимзелените шуми на околните планини придонесуваат местото да изгледа како точка во која се допираат два света. Мистиците сметаат дека тоа не е случајно и дека таквиот распоред е токму намерна метафора за вистинската природа на Седона.

И така, Седона е сметан за портал помеѓу два света: од една страна е нашиот, кој секојдневно го искусуваме, а од друга – вонземските непознати светови. Се верува дека Седона е космички крстопат, каде физичките закони се видоизменуваат, а духовните димензии го менуваат својот облик, така што световите на распадливото и вечното се приближуваат еден до друг. Во Седона свеста се издигнува на високи, непознати фреквенции, каде може да комуницира. Илјадници веруваат дека тука е возможен контакт со димензиите на друга реалност или со суштества кои живеат во некоја од тие димензии.

Monument Valley c Mike Koopsen

Научните истражувачи долго се обидуваат да го објаснат овој свет на чудата. Тие тврдат дека тамошното чувство на магичност произлегува од геолошки, електромагнетни и други фактори. Црвениот песочник е богат со кварц и железо. Квалитети на кварцот одамна ѝ се познати на електрониката. Железото, пак, го има и во човечкото тело и може да зголемува одредени енергетски својства.

Сепак, малцинство се тие што се заинтересирани за научното објаснување на природниот феномен во овој дел на Аризона. За повеќето, најзначајно е уникатното чувство додека се таму.

Градов има околу 12.000 жители, а го посетуваат над 4 милиони туристи годишно. Тука живее и еден од „најуспешните“ истражувачи на НЛО-а – Том Донго. Тој ја поседува најголемата приватна колекција од слики на НЛО во светот. Организирани групи постојано се упатуваат кон градот во потрага по вонземјани. Секој ден стотици туристи го очекуваат неверојатното. Плаќаат по 20 долари за групно ноќно набљудување и седат под тоа небо во надеж дека ќе искусат нешто натприродно, нешто што вклучува и контакт со суштества од други планети. На крајот си заминуваат разочарани, но и покрај тоа голем број посетители тврдат дека за време на престојот им преовладува некакво чудно чувство во телото, како да преминуваат во друго време и друг простор.

Во меѓувреме, фотографиите од небесни феномени над Седона продолжуваат да се појавуваат. Повеќето од фотографираните светла се подвижни светли сфери или елипсоиди, кои очигледно се тридимензионални. Јасно се гледа и дека нивното движење на небото опишува чудни необјасниви траектории и контури, слични на оние што се добиваат со мафтање на запалена цигара во темна просторија…

Некои, овие слики ги гледаат како резултат од електричните емисии на карпите, кои би можеле да играат улога на катодни цевки. Повеќето, пак, се на мислење дека ова не се фотографии од ефекти на природниот електрицитет – овие објекти, се чини, се движат на интелигентен начин.

milkyway_over_CourthouseButte-1024x683[1]

Разум ли е тоа? Интересно е како човечката свест е некако магично афектирана од силната природна енергија со која Седона располага во изобилство. Дали, одејќи таму, посетителите добороволно не си се изложуваат на самоизмама на потсвесно ниво? Сепак нели, светот е една голема илузија и резултат на преоформени верувања и очекувања на тој што го набљудува.

Загатката на Седона продолжува да поставува сé повеќе прашања, а сé помалку одговори.

- Реклама -