Мицкоски: Со францускиот предлог преговори почнува Албанија, а не Македонија… Ќе се повлечеме од сѐ, само Ковачевски нека го отфрли

„Јас уште вчера кажав, понудив се повлекуваме и од предвремени избори, се повлекуваме од сѐ, ќе помогнеме нека помине зимата, граѓаните да можат мирно да поминат, заеднички ќе се обединиме. Не му бараме ништо, само нека каже не. На пролет, март-април, пак ќе седнеме, ќе ја реевалуираме состојбата, ќе видиме што понатаму“, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, од пред Владата, каде дел од граѓаните кампуваат во знак на протест против францускиот предлог за тргање на бугарското вето.

Мицкоски потенцираше дека, според неговите информации, утре ќе се одржи владината седница на која тема ќе биде предлогот и затоа, како што рече, ја повикува цела Македонија, сите граѓани, утре да протестираат пред Владата.

Тоа беше едната понуда. Втората, јас му реков, еве од преговарачката рамка ако сте толку сигурни дека сте го заштитиле идентитетот, да ги тргнеме точките каде што се повикува на Годишните извештаи, каде што се повикува на Протоколот од втората меѓувладина и каде што во записникот од втората меѓувладина која што ќе ја има нашата влада условно со ЕУ се трга делот каде што стои дека преговорите започнуваат веднаш после измената на  Уставот“, информираше Мицкоски за разговорите што ги имал на средбата со премиерот Димитар Ковачевски.

Тоа е многу важно. Ние нема да почнеме сега преговори, тоа мора граѓаните да го знаат. Албанија ќе почне, не ние. Ние ќе треба да го смениме Уставот. Ние ова го потпишуваме за Албанија да почне преговори, не Македонија. Тоа треба секој еден граѓанин на Македонија да го знае. Немам ништо против Албанците, нека си почнат. Ако ЕК оценила дека местото на Еди Рама е таму, а местото на Македонија не е таму, тоа е одлука на ЕК, јас тука не се мешам. Ако е одлука на ЕК Македонија 22 години да чека, а Еди Рама да биде таму, и дека тој споделува европски вредности, а не јас и овие луѓе тука, тогаш тоа е нејзина одлука.

Но, треба народот во Македонија да знае дека ние со ова не почнуваме преговори, Еди Рама и Албанија почнуваат, не ние. Тоа треба на сите да им е јасно, на цела Македонија да ѝ е јасно“, изјави Мицкоски.

На новинарско прашање за неговите очекувања дали власта ќе ги прифати неговите барања, Мицкоски рече дека ако има малку разум кај Ковачевски и останатите, тие треба да го слушнат тоа што народот го зборува, затоа што, како што рече, тие не се грижат за иднината на овој народ и на државата повеќе отколку самиот народ за својата иднина и за Македонија.

„Мислам дека  овие десетици илјади кои што излегуваат секој ден овде пред платото на владата се тие коишто можеби за прв пат во овој период од годината громогласно му упатуваат порака и на Ковачевски и на останатите таму во владата дека ова што го прават е погрешно и дека тие не се согласуваат со тоа. Иако, морам да признаам, информациите се спротивни и она кое што јас го имам како информација е дека  најверојатно во текот на утрешниот ден на владина седница ќе помине позитивното ‘да’ на Бујар Османи, со што формално ќе се потпише протоколот од втората меѓувладина седница на владите на Македонија и Бугарија и со тоа формално практично Владата се согласува на записникот од првата меѓувладина, но и понатаму откако ќе се создадат условите да ја прифати преговарачката рамка во која се наоѓаат и се содржани и историјата и образованието и културата. Така што, очекувам барем малку разум, до утре да се предомислат и да го слушнат ова громогласно ‘не’ на тоа што го прават во овој момент со македонскиот идентитет“, порача лидерот на најголемата опозициска партија.

Прашан дали предлогот треба/ќе помине во Собрание, Мицкоски одговори:

„Не, не треба да помине бидејќи тие немаат намера тоа да го направат, а и да помине – на сила ќе помине. Инаку да, за формално да ги почнеме преговорите потребно е да се случи измена на Уставот. Тоа значи да оние граѓани за себе сметаат дека се дел од бугарскиот народ, тоа значи отприлика 700 семејства, да бидат вклучени во Преамбулата, но и во останатиот нормативен дел на Уставот, барем така викаше Стево Пендаровски, иако вчера гледам дека се премислил, но тоа е негова работа. Ова сега што ќе се случува е датум за почеток на преговори на граѓаните на Албанија и на Еди Рама. Ова не е  почеток на преговори на граѓаните на Македонија и Ковачевски. Затоа што после оваа меѓувладина седница само Албанија, односно граѓаните на Албанија и Еди Рама ќе ги почнат преговорите“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека нема ништо против Албанија да почне преговори, но истакна дека не верува во „европските вредности“ на Европа ако таа смета дека Еди Рама заслужува, а не и граѓаните на Македонија кои 22 години седат заглавени во чекалната, без оглед дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, само затоа што, како што рече Мицкоски, најпрвин некој го оспоруваше правото да си ја нарекуваат онака како што сакаат да си ја нарекуваат својата држава, а сега да си го говорат својот мајчин македонски јазик, да бидат Македонци и да се гордеат со својата историја, култура, со јунаци кои го дале својот живот за оваа Македонија.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

„Јас верувам во овие европски вредности според кои 22 години овој народ во Македонија… повторно ќе кажам, без разлика на нашите етнички, верски, политички разлики…  заслужува да биде дел од тој преговарачки процес. Или, да бидам уште подиректен, заслужува да биде дел од самата Европа уште пред некоја од земјите членки да бидат таму. Но, повторно нас ни се оспорува правото да бидеме Македонци, повторно некој го отвара проблемот со историјата. Иако вчера гледав еден статус од самиот Бујар Османи во којшто тој зборува за иднината, но сето она кое што за жал тој ќе го парафира и е дел од тој протокол на таа втора меѓувладина конференција со Бугарија, е сѐ само не иднина, туку е минато, образование, историја и така натаму“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека, сумирано, ова што треба да се случи е „датум за почеток на преговори на Еди Рама, а не на граѓаните на Македонија“.

Граѓаните на  Македонија повторно нема да почнат преговори и тоа треба на сите да им е јасно. Тоа треба на секој еден да му е јасно, без разлика дали е Македонец, дали е Албанец, дали е Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, граѓанин на Македонија, треба да знае дека ние не почнуваме преговори, почнува Еди Рама и ние повторно ќе продолжиме да чекаме уште години и години додека не се промени Уставот, па после некој друг услов, па трет услов и така натаму. Ова е директно удар врз македонскиот идентитет. Тоа треба сите да го знаеме“, категоричен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на денешните разговори на премиерот Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците и други партии, и прашан дали тој/ВМРО-ДПМНЕ имале контакт со опозицијата од албанскиот блок, Мицкоски одговори дека нема намера да врши притисок.

Јас верувам во демократските процеси, немам намера, никогаш во животот не сум вршел никому притисок. Претпоставувам Ковачевски ги држи тие состаноци на истиот начин како што го имаше состанокот со мене вчера, три-четири клучни збора кои што ги има да ги каже иако не сака да ги слуша аргументите од другата страна. Едноставно сака да си го истера, така му е кажано, процесот неколку дена и да заврши тука работата и потоа да каже дека процесот бил транспарентен. Затоа јас вчера му понудив, му реков, само ти кажи не, еве ние нема да бараме предвремени избори, ќе ти помогнеме да помине зимата со луѓе, со ресурси, сѐ ќе ставиме на располагање, само кажи на овој предлог ‘не’. Ќе дојде пролет, март, април повторно ќе седнеме на маса, ќе ја реевалуираме состојбата – дали треба таа есен да имаме избори дали заедно со претседателските… само кажи ‘не’, тоа е најбитно сега“, рече Мицкоски.

Да го сочуваме идентитетот, односно да го сочуваме достоинството на граѓаните – тоа беше мојата понуда, и втора понуда исто така му дадов, му реков: ако верува дека се ова вистински европски преговори, вистинска европска преговарачка рамка во која што не е начнат македонскиот идентитет, тогаш ајде точка 11 и точка 14 од записникот на првата меѓувладина да ги тргнеме. За да знаат граѓаните за што зборувам, точка 11 е онаму каде што се става измената на Уставот како услов за отпочнување на преговори, а точка 14 реферира на протоколот што треба Османи да го потпише заедно со Генчовска од втората меѓувладина во која што се содржани историја и образование и историски личности итн. А пак овие две точки потоа се поврзани со преговарачката рамка заедно со Копенхагеншките критериуми и договорот за стабилизација и асоцијација. Еве и тоа му го понудив. Ајде овие четири работи да ги тргнеме и јас заедно ќе излезам со тебе и ќе ја поддржам преговарачката рамка и ќе побарам сите ние заедно да ја поддржиме“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тоа е порака и до Европа и до сите оние бирократи во Брисел кои ја следат состојбата и кои вршат притисок овде кај нас францускиот предлог да помине во Влада.

„Еве нека ги тргнат тие две точки од записникот на првата меѓувладина и овие две точки од преговарачката рамка, јас лично и ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржиме. Но, за жал, очигледно дека одговорот е  негативен“, констатираше Мицкоски.

- Реклама -