Мицкоски го повтори условот: Влада без ДУИ, а уставните амандмани во сила кога Македонија ќе стане членка на ЕУ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Кочани повтори дека нивниот услов за да евентуално да гласаат за уставните амандмани би бил влада без ДУИ до избори и уставните амандмани да станат ефективни тогаш кога земјава ќе стане членка на ЕУ.

„Од лидерската средба вчера важно е да констатираме дека во овој момент Владата го нема потребното мнозинство во Парламентот за уставните измени што ги прифати пред една година без да биде консултирана опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ. Кога се нудеше ВМРО-ДПМНЕ тие го одбија, кога предупредуваше – тие го игнорираа и, потоа, кога нудевме континуирано решение – тие решенија ги игнорираа“, рече Мицкоски.

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот под бугарски диктат.

„Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина. Таков беше и разговорот на лидерската средба со Ковачевски. Од негова страна беше дадена понудата да отстапи пет министерства кои во овој момент ги управува владата на СДСМ и да му ги понуди на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат на тоа ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните амандмани, да се завршат тие амандмани, да се отпочнат преговорите, и потоа така да се оди на избори“, изјави тој, повторувајќи дека на тоа одговорил дека ја прифаќаат понудата ВМРО-ДПМНЕ да учествува во идната влада до избори, но под одредени услови:

Прочитајте и:  Вајц: Треба промена на Уставот, но и треба да работиме да обезбедиме гаранции дека Бугарија нема да има нови барања

„Прв услов е конечно Македонија да ја ослободиме од ДУИ. Таа нема потреба да биде во таа, условно кажано, преодна влада. Го поздравувам потегот на Бујар Османи што тоа го прифати во името на ДУИ. Кога станува збор за уставните амандмани, еве да речеме да го прифатиме гласањето за нив, но да биде одложен ефектот, односно со одложено дејство. Практично околностите нема да се променат, нема да имаме промена на Устав – тие амандмани нема да бидат дел од тој Устав сѐ до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. На тој начин се заштитува нашиот идентитет и на тој начин ние кажуваме дека нема отстапки што ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет“, истакна Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -