Мицкоски: Им се извинувам на граѓаните за срамот што ние политичарите им го приредивме, сериозно ќе се замислам дали вреди да се практицира политика во Македонија

Седницата сѐ уште не е завршена и до 12 на полноќ ќе се чека да се појави пратеникот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на новинарско прашање и оценка дека седницата која била најавуана како успех останала без разрешница, во изјава пред зградата на Собранието.

„Да видиме најпрвин дали е жив, здрав, прав, да видиме каде се наоѓа човекот. Освен порака на социјалните медиуми, друго не знаеме. Физички што се случува со човеков, дали е некаде мимо своја волја или е доброволно таму, да ги видиме тие вредности што ги споделува. Затоа што, пратеници туку-така не исчезнуваат во тие заедници коишто тој ги наведе во својот Фејсбук статус, како што се САД и ЕУ“, рече Мицкоски.

Тој ги обвини претседателот на државата, кого го посочи како најодговорен во вакви ситуации, заедно со претседателот на Владата, дека не излегле со јасен став каде се наоѓа пратеникот, потенцирајќи ја важноста дека се работи за пратеник во македонското Собрание.

„Ние не знаеме дали е тој киднапиран или се држи без своја согласност и доброволно, или пак доброволно се држи или избегал. Не знам зошто, ако е доброволно, не беше денеска тука појавен. Ќе си се гласаше, ако беше против да падне оваа влада ќе си гласаше против Иницијативата, ќе завршеше 60-60 и ќе го спасевме народот и јавноста од ваков срам. Вака се отвора простор за многу шпекулации, многу изјави од различни извори, потврдени или непотврдени, точни или неточни. Но она што е јасно е дека власта се препелка во живата кал. И ако мислат дека ова е некаков политички триумф, не, напротив, мислам дека ова е голем срам за демократијата и голем срам за вредностите кои се наведени во тој статус“, оцени Мицкоски.

Тој рече дека ваквиот развој на настаните не бил неочекуван.
„Се шпекулираше за вакво нешто уште во текот на вчерашниот ден дека ќе се случи. Ако мислите дека не сме го очекувале, тогаш се лажете, го очекувавме“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека ваквите случувања се срам за демократијата и им се извини на граѓаните во име на политичарите. Најави и дека ќе размисли дали вреди да се бави со политика.

„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, тогаш се поставува прашањето дали воопшто вреди човек да се занимава со политика во оваа наша Македонија додека оваа власт предводена од Зоран Заев постои. Ова е срам. И ако се потврди тоа дека Реџепи е држен спротивно на своја волја и дека е некаде кадешто никој жив не знае каде се наоѓа, тогаш навистина тоа предизвикува едно силно чувство на гадење и им се извинувам од мое име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните што мора да бидат сведоци на една ваква циркуска претстава којашто денеска се одвива тука во Собранието. Жалам, простете ми, што морам сѐ уште да бидам дел од еден ваков срам којшто ние како политичари ви го приредивме вам, граѓаните на Македонија. Извинете уште еднаш од мое име“, изјави Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Прашан дали опозицијата ќе седи и само ќе чека да се појави Реџепи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе чекаат до полноќ за да видат што се случува со човекот, дали е жив и здрав. Ако не се појави, рече тој, одговор ќе треба да даде МВР.

„Но повторно ќе кажам, ова се методи налик на 16 и 17 век и предизвикаа едно силно чувство, кај мене лично, на гадење. И ако вака навистина се практикува политиката во Македонија, сериозно ќе се замислам дали и вреди да практицираме политика во Македонија“, рече Мицкоски.

За изјавата на Таравари дека опозицијата има бекап варијанта, тој ги упати новинарите тоа прашање да му го постават на Таравари. „Прашајте го Таравари, ќе ви даде одговор“, рече, прилично остро, Мицкоски.

На новинарско прашање околу легитимитетот и кредибилитетот на власта, сега кога (според она што е познато во јавноста) остана со 59 пратеници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тој е одамна изгубен.

„Па тој е одамна паднат. После овие избори е јасно дека СДСМ го има изгубено и кредибилитетот и легитимитетот меѓу народот. Ова се очајнички обиди, препелкање во жива кал. Повторно ќе кажам, жалам што народот е сведок на овој циркус што денеска се случува и жалам што до толку го девалвираа институтот пратеник и институтот македонски парламент што се срамам што воопшто овој период од мојот живот сум дел од ова политичко мочуриште, коешто поради овие луѓе кои немаат што да прават во животот а и длабоко се навлезени во криминал и корупција, со нокти гребат само да останат таму каде што се, неводејќи сметка за достоинството, човечкото елементарно достоинство и угледот на оваа институција зад мене – македонското Собрание. Така што, имаат тие и други методи, не ме чуди и да направат мнозинство коешто ќе биде поголемо од ова, така што… Методите на СДСМ и ДУИ се познати, ги знаете кои се, ќе ги видите и деновиве. Што и да коментирам повеќе, ќе биде надвор од вкусното и надвор од рубиконот“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека најдоброто решение е брзи предвремени парламентарни избори, но повтори дека „навистина чувствува не револт, туку жалење“ што нивото до толку се спушти што кредибилитетот на човекот, на пратеникот, угледот на Собранието „се на најниски можни гранки од постоењето на демократијата во светот“.

Во меѓувреме, исчезнатиот пратеник Кастриот Реџепи се огласи преку видео на Фејсбук со порака дека е здрав и добар и дека не му се заканува власта, туку закани имал, како што тврди, од своите сопартијци.

- Реклама -