Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, го поздрави за многумина неочекуваниот чекор на СДСМ да ја поддржи Резолуцијата која ја предложи ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на националните црвени линии од кои ниту една Влада не(ма да) смее да отстапи.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија“, оцени Мицкоски, порачувајќи дека силата е во единството и заблагодарувајќи им се на сите кои придонеле и ја поддржале Резолуцијата.
„Покажуваме дека обединети сме посилни.
Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство, кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата.
Се надевам дека денешната изјава од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи кои ги понудивме“, порача Мицкоски на Фејсбук.
Сепак, тој предупреди дека ако СДСМ не постапи според кажаното и се обиде низ процедурални собраниски трикови да го закочат носењето на оваа Резолуција, со тоа ќе направи штета за Македонија.
„Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сѐ што видовме досега“, заклучи лидерот на најголемата опозициска партија.