Мицкоски на средба со Гир: Неопходни се предвремени парламентарни избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска остварил средба со амбасадорот на Европската Унија – Дејвид Гир, на која се разговарало за актуелната економска и политичка состојба, како и за реформите кои земјава треба да ги спроведе, а кои се важни за нејзиниот пат кон ЕУ.

Како што соопштија од ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски на средбата истакнал дека македонската економија од ден во ден тоне, граѓаните стануваат сѐ посиромашни, а власта не е способна да им помогне на граѓаните и бизнисот за време на кризата.

На средбата, Мицкоски потенцирал дека власта ниту има капацитет, а ниту има желба да ги спроведе реформите. Наместо тоа, стои во соопштението, сведоци сме на секојдневни криминални афери, високо ниво на корупција и заробено правосудство за што потврда доаѓа од релевантни меѓународни институции, но и од земји стратешки партнери на Македонија.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

„Мицкоски истакна дека Македонија премногу стои во место, власта ја доведе земјава во безизлезна состојба и затоа се потребни итни чекори и решенија, а за тоа да се случи неопходни се предвремени парламентарни избори. На средбата беше потенцирана соработката, поддршката и заложбите кои Европската Унија ѝ ги пружа на Македонија и беше посочено дека тоа мора да продолжи и понатаму со зголемен интензитет“, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.

- Реклама -