Мицкоски: Нашата генерација не ја оправда борбата за независна држава, но Македонија има сила за пресврт

Поминаа 29 години на независност и 29 години на искушенија, подеми и падови за државата, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во обраќањето по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Како што истакнува Мицкоски, почетоците на независноста се неминовно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и активната улога која ја имала партијата во градењето на државата Република Македонија, а независноста е плод на таа генерација која сложно се изборила за независна држава со свои институции, со огромен елан за подобар живот.

„А денес главното прашање е дали ние како генерација ја оправдавме нивната борба. Одговорот во голема мера е НЕ.
Не ги исполнуваме целите за кои тие се бореа, затоа што имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ. Мафија, мафија која управува со државата и сака да управува со животите на луѓето.

Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни. После 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создаваше државата. Европска Унија, силна економија, сигурност итн. Тоа покажува дека тоа се вистинските вредности кон кои се стремиме, но фактот што не сме ги исполниле до сега покажува дека властите не успеваа во својата мисија“, оценува Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Сепак, според него, нема место за откажување, а Македонија, како што вели, има сила за пресврт:

„Во нашата татковина нѐ има секакви, од повеќе етнички припадности и вери. Но, нѐ обединува заедничката мисла за подобар живот, за среќа и успешност која ја нема нашата земја.

Затоа ни се потребни промени кон подобро, а за тоа треба работа и ангажман на секој еден од нас и да разбереме дека секој е создавач на својата судбина и среќа. Од нас зависи сѐ.
Затоа мора заеднички да се избориме, да немаме богата влада а сиромашен народ, влада која има удобства а народ кој живее на вересија.

Македонија мора да успее и има енергија за пресврт кој ќе донесе исполнување на нашите идеали. Идеалите го дефинираат нашето постоење, а Македонија мора да успее и нема опција за друго. Мафија или Македонија. Да веруваме во себе, да веруваме во Македонија.

Честит празник татковино, да ни е жива и долговечна европска Македонија.

Да се избориме за заедничката среќа“, порачува Мицкоски.

- Реклама -