Мицкоски: Нема да има уставни измени под бугарски диктат, единствениот излез од политичката криза се избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали земјава е во политичка криза и кој е излезот од блокадата на евроинтегративниот пат на државата, изјави дека нема да влегува во разговори каде што контура на тие разговори, како што рече, ќе биде бугарскиот диктат и дека излезот од кризата се само избори.

„Уставни измени под бугарски диктат не само што нема да прифатиме, туку категорично ги отфрламе и ги одбиваме. Што се однесува за излезот, излезот се избори. Очигледно е дека изборот се избори и тоа е најлогичното нешто што може во моментот да се случи. Час поскоро да имаме избори, притисокот којшто се случува во општеството да биде катализиран“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Аеродром.

Додаде дека главната политика на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски се распаѓа и упати повик да се излезе на избори.

Тој исто така во одговор на новинарско прашање истакна дека на предлог на ЦДУ во минатото, во владата на канцеларката Ангела Меркел има многу поцврста Резолуција која посилно ги брани македонските идентитетски одредници и дека кога Германија претседаваше со ЕУ во тоа време, во тогашниот предлог ниту билатералниот договор беше во преговарачката рамка, ниту пак се отвораше прашањето за македонскиот јазик, а историјата и останатите идентитетски одредници не се ни споменуваа.

Мицкоски коментираше дека според последните мерења на јавното мислење во Германија, ЦДУ ќе биде победник на следните избори и изрази надеж дека Фридрих Мерц ќе биде идниот канцелар.

Прочитајте и:  Мицкоски: Речиси сите банки прифатија да ги кредитираат компанииите од унгарскиот заем

„Ја следам пропагандата која што доаѓа од СДС и сум изненаден, затоа што со денови го прозиваат ВМРО-ДПМНЕ зошто ЦДУ не гласала за Резолуцијата. Кога мислите дека го допреле дното, тие ви кажуваат дека сте песимист, требало да сте оптимист, бидејќи можеле подлабоко да одат“, изјави Мицкоски.

Додека на прашањето околу неговиот став во врска со ветингот во судството, рече дека пред да влеземе во тој ветинг на судството, тој предлага да се искористат постојните законски надлежности што ги има и Управата за јавни приходи и останатите институции во земјава и да се направи ветинг на политичарите.

„Во Македонија многу е лесно да се испита стекнатиот имот и доволно е да се видат луксузно изградените недвижности и луксузни автомобили кои се возат по македонските патишта, на чии сопственици, ако им се побараа потеклото на стекнатиот имот, ќе се види дека пријавен им е само еден процент од тоа што поседуваат“, додаде тој.

Тој исто така нагласи дека не се потребни импровизации и дека според постоечките македонски закони, може да се провери и да се види кои политичари и нивните семејства, кои стекнале огромни богатства, изминатите три децении ја краделе Македонија.

МИА

- Реклама -