Мицкоски: Нема мнозинство за уставни измени, логичен след се предвремени избори

„Она што можам да го заклучам е дека мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентрани избори“, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска по лидерската средба во Собранието.

Тој ја критикуваше власта за она што се разговарало на лидерската средба, со оценка дека наместо за реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, се разговарало за отворање на Уставот под превезот на „европска иднина“.

„Најпрвин жалиме што кај Владата и кај мнозинството нема доволно слух за реалните проблеми на граѓаните, па на оваа средба не се разговараше на пример за денешниот податок кој што излезе, а тоа е 20% инфлација или пак за 31% зголемени цени за храната и безалкохолните пијалоци. Тоа се суштинските проблеми што ги мачат граѓаните, како ќе ја поминеме оваа зима, со кои предизвици ќе се соочиме, каква е подготвеноста на владата. Тоа се оние реални теми за кои што треба да се разговара на едни вакви средби на политичари кои носат одговорност и кои треба да им помогнат на граѓаните“, рече Мицкоски, констатирајќи дека власта ја пропуштила таа можност, а единствената тема била, како што рече, таа што им служи за дефокус од неуспесите – „таканаречените уставни измени под превезот на некаква си европска иднина која што многупати во минатото самите тие ја погазија“.

Мицкоски истакна и дека ова било задоцнета средба и дека консензус и консултации со парламентарни политички партии се прават пред да се носат одлуки, додека вакви, отпосле, се непотребни и фрустрираат.

Како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ учествувала на лидерската за да не биде прикажана како антидржавна.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

„Само за да не бидеме прогласени како коалиција која што, еве е антидржавна, неконструктивна и е спротивна на иднината на државата, за тоа се одваживме и дојдовме денеска, свесни при тоа дека можеби нема да разговараме за она што ги мачи граѓаните и дека нема да има никаков резултат од денешните средби“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека на крајот од средбата бил поделен документ со заклучоци со намера да бидат усвоени – потег што тој го оцени како „комичен“.

„Помалку комично делуваше еден документ кој што беше поделен на крајот од средбата, којшто требаше да бидат некакви си заклучоци, којшто го одбивме и воопшто не сакаме ни да го коментираме, бидејќи самото тоа не е европски чекор: ‘еве ви заклучоци да се сложиме и да ги усвоиме овие заклучоци’ “, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во контекст на заклучоците, меѓутоа, Мицкоски потенцираше дека пратеникот и претседател на Демократски Сојуз, Павле Трајанов, предложил средбата да заврши со заклучок дека македонската страна ќе побара од бугарската Влада да го признае македонското малцинство во Бугарија и притоа да ги признае правата кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

„Јас лично го поддржав овој заклучок и жалам што останатите кои што се дел од владиното мнозинство не успејаа да се надминат и да го поддржат овој заклучок и да излеземе заеднички и да ги поддржиме нашинците од тој дел на границата“, рече Мицкоски, оценувајќи дека владиното мнозинство немало слух за такво нешто.

„Така што, да заклучам, мнозинство за уставни измени нема, логичен след на настаните е организирање на предвремени парламентарни избори“, повтори Мицкоски.

- Реклама -