Мицкоски од Битола: „Во овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата“

Најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ вечерва на плоштадот „Магнолија“ во Битола го одбележа и прослави Денот на независноста, 8-ми Септември.

Пред членовите и симпатизерите на партијата, лидерот Христијан Мицкоски истакна дека наместо на дебели црвени килими во Скопје, одлучил да слави со народот во Битола. На собирот кој се одржа под мотото „30 години се грижиме за Македонија“, Мицкоски ги најави целите на партијата за наредниот период, затоа што како што рече власта нема дефинирани цели.

Како што посочи Мицкоски, меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги урива ѕидовите што делат и ќе гради мостови што поврзуваат.

Интегрален текст од обраќањето

Добро вечер Битола,

Добро вечер за градот тврдина, за градот на конзулите. Жив сведок за нашата македонска борба за своја држава. Битола како огниште кое раѓаше синови и ќерки за слободата на нашата татковина. Битола како најдоброто од Македонија.

Денес на овој 8 септември, одовде од Магнолија, преку Широк Сокак, до Пелистер и подалеку имам една порака:

Честита независност Македонијо,
Честита независност Македонија,

Да си ни жива и здрава. И вековита. Ти благодарам за сѐ што ни даде, и прости за сѐ што не направивме, а можеше да се направи.

Нашата земја е нашиот храм во која веруваме.. Затоа што Македонија е повеќе од само држава, тaa e емоција, нашите успеси, нашето страдaње… Но и нашите судбини.

Знам и поорганизирани и поразвиени држави од нашата, но само Македонија е во нашите срца, незаменлива болка и среќа. Постојана борба.

Еден пријател ми вика, на ВМРО-ДПМНЕ и тебе како нејзин прв човек ви следи напорна борба за промена на болната реалност. Мојот одговор беше, а кога тоа во Македонија било лесно да се создаде нешто вредно без да има борба.

Драги пријатели,

30 години се доволен период да се направи една опсежна анализа за тоа што сме денес, дали дрвото беше насадено исправно, и зошто сега е натежнато и зошто сега е искривено, кои беа очекувањата, каков беше заветот, и каде дојдовме.

Дилемата е дали го оправдуваме заветот на татковците на оваа нација, кои деведесеттите се потпираа на асномците, а асномците на илинденците и се така наназад во нашата богата историја.

Не сме дрво без корен, и работата е што корењата се премногу длабоки, а сеќавањата не напуштаат лесно. И не дека и во минатото не се правеле грешки во историјата, но секогаш имало мудрост да се прескокнуваат препреките.

Нашето дрво беше засадено со крвта и страдањата на многу генерации кои веруваа во слободата, но овие 30 години истото сериозно е навалено и натежнато.

Затоа можам со горко чувство и со тага во мене да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг.

И не ми е целта да правам лов на виновници за тоа, сите вие добро знаете што се случуваше овие 30 години и кој и што направи, туку целта ми е да посочам дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори напред.

Европа и Светот незапирливо трчаат напред, бележат рекорди, создаваат и живеат според вредности.

Денес за прв пат во овие 30 години имаме соочување со огледалото, и целосната блокада за членство во ЕУ, а тоа само говори дека како држава немаме цели кон кои се стремиме и движиме. Не е суштината да велите дека сте решите проблем како тој со Грција, со кој подоцна ќе отворите 5нови проблеми. Не е главното да се откажете од се што е за вас значајно како народ и да кажете направив исчекор со Бугарија. Потребно е да се има мудрост, како што беа мудри и Глигоров и Кљусев, како што мудро се водеше политиката од експертската влада која ја застана на нозе земјата. И низ бури и низ премрежја не дозволија темелите да бидат разнишани.

Драги пријатели,

Апатијата, затворениот круг ја одзема енергијата кај народот и го прави индиферентен кон случувањата, кон оние кои владееја до транзицијата, но и оние кои им се продолжена рака, нивни најдобри синови и ќерки. И одбивам да влегувам во кампања на меѓусебни обвинувања, клеветења, расипани игри од кој полза имаат само оние кои ги ползуваат придобивките од власта, на еден нечесен и лукративен начин.
Сакам само да појаснам дека оваа нова генерација на луѓе кои се занимаваат со политика со мачнина гледа на обидите сите да не вовлечат во нивната игра на меѓусебни обвинувања. Тоа не е наша цел. Ние мора да направиме црта со минатото и со таквите луѓе и да ја направиме разликата.

Затоа почитувани присутни, чувствувам должност да кажам зошто денес прославуваме 30 години независност токму во Битола покрај тоа што многу пати сум кажал дека Битола е мојот главен приоритет. Денеска сме тука затоа што сакаме да направиме паралелна со сето она кое што се случува во ова наше тешко реално секојдневие политичко, а истата таа паралела не сакаме да биде со онаа паралелна прослава на Владата, затоа што ВМРО не учествува во паради кои ги прави власта, и кога на власта и е поедноставно, поудобно, да ги гази дебелите килими во Собранието, да парадира низ Скопје, на ВМРО-ДПМНЕ му е чест и поудобно да биде овде во Битола заедно со народот.

Затоа што ќе потсетам ВМРО како организација со идеологија, иако не единствениот, е најзначајниот темел на македонската држава.

Оттука почитувани,

Основачите на независната држава имаа јасна цел и затоа успеваа низ сите премрежја, но после бројни разочарување на тие потоа, по 30 години си го поставуваме вистинското и главно прашање – која е нашата цел како држава соочени со блокада кон ЕУ и минување на години каде власта не одредува ама буквално никаква цел.

Кое ќе биде нешто ново покажување на македонските денари во собранието како што тоа го направи Академик Кљусев и кај сите нас предизвика особено чувство на достоинство и припадност кон државата.

Кое ќе биде нашето ново радување на првото интонирање на македонската химна, или радоста за првиот гол на ·Зоран Бошковски-Чоко на 13 октомври 1993 година кое предизвика солзи кај многумина од нас зошто во Словенија ечеше на трибините Македонија, Македонија, а нашите родители се сеќавам тогаш го засилуваа тонот на телевизиските приемници.

Кое ќе биде нашето ново задоволство од тоа што за прв пат во деведесеттите добивме наша армија со амблем на македонското знаме. Наша полиција и се она што преставува белег на нашата држава.

Кое ќе биде нашата нова победа како што тоа го направи Теодора Раптис на охридскиот маратон. Ова беа тогашните цели, на таа генерација создавачи.

Но кои ќе бидат нашите цели за наредните 30 години. Не ги слушаме, не ги гледаме од оваа власт.

Затоа народе мој сонувам за големи работи за нашата Македонија, и не е доволно човека само да сонува, туку и да работи на остварување на тој сон. Јас сум подготвен за тоа.
Јас го имам правото и честа да зборувам за тие цели, затоа што ги знам, ги имаме дефинирано и затоа што на сцена доаѓа нова генерација на политичари кои го имаат правото да зборат за тие цели.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Нашата цел во следните 30 години мора да биде да влеземе во првите 15 економии во Европа. Да не збориме за мини шенгени како стратешки цели, туку да се бориме стандард да постигнеме како една Австрија. Економијата да расте со просечни од 5 до 6 проценти годишно, а не да се радуваме на секој еден обичен плус во економијата.

Нашата нова цел мора да биде да влеземе како Македонци во Европската унија со наш идентитет, и зачувани традиции. Да бидеме на масата на рамноправните, и одвнатре да се бориме за нашите права. И не само влез во Унијата, туку и уривање на границите меѓу земјите и влез во Шенген зоната.

Нашата цел за наредните триесет години мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови кои делат и ќе градам мостови кои што ќе обединуваат. Ќе обединуваат буквално од Липково до Кривогаштани, од Тетово до Штип.

Мора да градиме мостови, и да се разликуваме помеѓу себе и да се разликуваме помеѓу себе и по идеите и во натпреварот кој повеќе ќе направи за нашата Македонија.

Нашата нова цел мора да биде интегрирано здравство каде луѓе од Европа ќе доаѓаат да се лечат во земјава затоа што имаме знаење и услови за тоа, а не да умираат луѓе по болници затоа што нема ресурси за да се спасуваат човечки животи. Мора да се намалат класните разлики преку жестока битка за стандардот.

Целта мора да биде не само едноцифрена невработеност, туку и борба за повисоки плати, за што повисок стандард. Ќе бидеме вистински дел од Европа само ако имаме европски плати и приходи за нашето население. Мојата цел е да имаме европски плати тука во Македонија, а не да ги гледаме децата како ги полнат фабриките и болниците во Европа, Америка и Австралија.

Нашата цел е во следните 30 години е дека мора да ги вратиме децата, семејствата кои се иселија и си заминаа. Нема град во светот каде нема да најдете Македонец на некоја висока позиција, и ако успеал таму при жестока конкуренција зошто да не успее тука. Да ги вратиме светилките во градовите и селата.

Целта во следните 30 години мора да биде Македонија да развие индустрија која ќе биде оддржлива. Каде ќе има барем една фабрика на познат бренд на автомобили, бизнис инкубатори кои ќе генерираат бизниси, и да бидеме седиште на светски компании.

Целта во следните 30 години мора да биде не само да влеземе во мапата на 1000 најдобри универзитети во светот, туку да се бориме за првите 100 места во светот, да се бориме со најдобрите.

Цела Македонија да има подеднакви шанси за успех.

Целта во наредните 30 години мора да биде и за наследниците на некој нов Пандев, Алиоски, Елмаз, Манасков, да кренат европски пехар во фудбал и да се радуваме на едно од првите три места.

Драги пријатели,

На човека може да му ја одземат слободата, може да го ограничат, да се обидат да го понижат, но не може да му го одземат сонот, затоа што сонот е идеја, а идејата е вечна. Ова е мојот сон, за кој ќе направам се’ за да се обвистини.
Македонија мора да ја менуваме, ние луѓето кои израснавме во премрежја, кои сме првите генерации на македонски политичари коишто не должат никому и немаат никакво бреме со себе.

Погледнете, ВМРО-ДПМНЕ го заокружи кругот на трансформација и реформи. На сцена се кандидати за градоначалници, нови лица кои ќе бидат креатори на политиката во државата од името на ВМРО-ДПМНЕ во следните десетина година. Тоа се луѓе израснати во самостојна Македонија, со чиста мисла и надеж за да работат за својата земја. Не должат на никој пред нив и затоа нема да бидат компромисни или да се откажат од заедничкиот сон за тоа како Македонија треба да изгледа за 30 години од денеска.
Ова е тој крстопат по кој се решава за судбината на нашата земја и идните генерации. Затоа е важно народот кој одлучува да има јасна слика за тоа какви одлуки се носат.
Драги пријатели, сакам и да се осврнам за тоа што значи патриотизам, и на потребата вистински тој да се разбере во 21 век.

Патриотизам е пушката за права ама и перото на хартија. Патриотизам е и борбата за стандард и правдини. Вистински ќе напредуваме ако економски ја градиме нашата земја. Вистински ќе ја сакаме ако не молчиме. Патриотизам е да се бориме бескомромисно со криминалот и корупцијата. Патриотизам е да се бориме за повисоки плати и подобар живот. Патриотизам е да влеземе во ЕУ, и само така ќе станеме рамноправни и силни да разговараме за се’ друго што е важно за нашиот народ, само така ќе се брани Македонија и нашиот идентитет. Дури тогаш ќе ги браниме и оние кои велат дека сега е млако и треба поостро. Треба мудро и со стратегија до целта и само тогаш ќе имаме успеси.

Дали сето ова вреди?

Немам никаква дилема дека вреди. И не се колебам ниту за секунда. Вреди затоа што ако не ние, нема кој друг. А ВМРО е народот, а ВМРО и народот секогаш ги воделе најтешките битки, а ние ќе ја добиеме и оваа битка заедно. Вреди заради младиот Стефан кој го сретнав неодамна, кој вели дека се вратил во својата родна Македонија, за да го прослави 8-ми Септември и ми рече дека денеска ќе биде вде во Битола. Ако е тука го поздравувам. Вреди и поради младите луѓе таму некаде кои низ градовите и селата на нашата земја кои вечерва мечтаат за подобар живот, за повеќе шанси, кои живеат во надеж која не смееме и немаме право да ја срушиме. Вреди и за работникот кој со пот печали и се надева на подобро утре. Вреди и поради нашите деца и нивната иднина.

И како што е во стиховите од песната кои денес ја одзвонуваат вистината која татни во секое едно срце, ќе ми дозволите да рецитирам:

Земјо мила колку векови во темнина си била,
Колку темни сказни знаеш, земјо мила.
Колку само страдања на рамена си збрала,
Колку жртви ти за слобода си дала.
Знае само сводот вечен, знае сиот свет…

Време е Македонијо за големи работи. Најдоброто допрва доаѓа. А Македонија сме сите ние, Македонија сте сите вие. Од нас зависи. Сите ние сме ковачи на судбината и ние мораме да ги преземеме работите во свои раце. Да го препознаеме и издвоиме црното од белото, да ги препознаеме лажните пророци и вистинските синови и ќерки. На Македонија и треба нејзиниот народ, затоа што Македонија е тука за нас. Среќен роденден татковино.
Биди исправена,биди достоинствена, биди пркосна, стаменита и вечна!
Да сте живи и здрави!
Да живее Македонија!

- Реклама -