Мицкоски: Ова не е 2019-та ниту пак е истиот пратенички состав, најголем чувар на Уставот е дадениот збор на пратениците

Тврдењата на Владата дека е заштитен македонскиот јазик и дека е обезбеден реципроцитет во процесот се замајување на јавноста, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во разговор за „Дојче веле“.

„Од власта нека не ја замајуваат јавноста дека договориле некаков реципроцитет. Тоа е кованица која им служи како алиби – дека еве и ние нешто сме добиле, а во ситуација кога раскрчмуваат сѐ што е важно за Македонија. Еве, ако толку барале реципроцитет, нека ни кажат што е тоа што го бара Владата на Македонија од Бугарија – да се признае македонско малцинство, тие да влезат во бугарскиот устав, да има промена на учебници во Бугарија или нешто слично, бидејќи сите овие работи Бугарија ги бара од нас. Протоколот го печатираше предавството и фијаското на македонската дипломатија, меѓу кој и јавното потврдување од бугарското МНР дека македонскиот јазик не е признаен од Бугарија. И тезата на власта дека Унијата го признавала – па нели и Бугарија е дел од Унијата, зошто тогаш не го признава јазикот кој е кодификуван и меѓународно признат многу години пред овој спор? Тоа покажува дека Владата ги продлабочи овие проблеми. Но ништо не е готово и ние ќе продолжиме да се бориме“, вели Мицкоски.

„Пратениците во овој момент практично претставуваат чувари на Уставот, при што јавно се обврзаа да бидат гаранцијата дека ќе нема промена на Уставот и легитимирање на процесот на асимилација и бугаризација, кој го прифати и договори Владата. Знам дека многумина ќе влечат паралели со промените на Уставот врзани за промената на името и ќе нагласам дека сум свесен за тие коментари, но воедно ви посочувам дека ова не е 2019-та година, ниту пак ова е истиот пратенички состав. А најголема гаранција дека нема тоа да се случи – е јавно дадениот збор на сите пратеници, вклучително и моето верување во капацитетот на таквата одлука на пратениците. За мене, јавно дадениот збор е поголема обврска од кој било потпишан договор, но и покрај зборот, на иницијатива на самите пратеници се дадоа изјави заверени на нотар. Се разбира дека нотарот, пред да се потпишат, ја проверува нивната исправност и ни беше посочено дека истите се легитимни. Полемиката околу нивната издржаност не треба да биде дефокус од самата суштина, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ е гаранторот на неможноста да се донесат уставни измени со кои би се легитимирале спорните делови од предложената преговарачка рамка“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За друг важен чекор Мицкоски ја смета можноста за референдумско изјаснување на граѓаните. На прашањето дали можеби е доцна за тоа, тој е дециден дека не е.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

„Согласно напишаното во документите, она што се усвојува сега е заедничкиот став, а преговарачката рамка ќе се усвои во моментот кога ќе се направи измена на Уставот. Но и во двата случаи (макар и сега усвоена рамка), референдумот ќе биде народен одговор за спорниот дел од преговарачката рамка и членот 5 кој реферира на протоколот и Договорот за добрососедство. Она што е ново и е потврда дека Владата прифатила асимилација е декларацијата вчера доставена од бугарското МНР во Брисел, каде се негира постоење на македонски јазик. И затоа во периодот што следи ќе ги консултирам и правните експерти во државата и во однос на формулација на прашањето, и за природата на изјаснувањето, за чие остварување се потребни 150 илјади потписи. Еден од главните проблеми во овие 30 години е што за ништо не е прашан народот. За сите овие прашања во текот на неделата ќе заседава и Извршниот Комитет на партијата. Воедно, сакам да нагласам дека браната за стопираните уставни измени продолжува во Собранието преку пратеничката група и двата процеси – гаранцијата на пратениците и референдумското изјаснување – не треба да се поврзуваат еден со друг. За да биде успешен референдумот барам сеопшто и народно обединување, надминување на сите поделби, бидејќи ова е прашање кое е над сите наши партиски и лични интереси. Овде се работи за иднината и патот по кој ќе се трасираат идните процеси. Да не дозволиме државата да биде заложник на група неуки политичари кои поради личен бенефит и кариера распродаваат и продаваат многу евтино тоа што е скапо стекнато од многу генерации Македонци“, порачува Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори и на прашањето зошто пратениците од опозициската коалиција не гласаа „против“ предлог преговарачката рамка, туку ја напуштија пленарнатата сала.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јасен – дека ние сме против. Но, огромна лага е тоа што во последен момент се гласаше за преформулирани заклучоци кои немаат никаква сила врз одлуката на Владата. Во парламентот се гласаше за документ со помало правно значење од тој документ. Тие кои гласаа не знаеја за што гласаат, бидејќи протоколот не беше составен документ и го немаа видено. Предлог-заклучоците немаа никаква врска со ова што го потпиша Бујар Османи. ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да легитимираат политичко дивеење и насилство. Ние бевме за време на расправата, дебатиравме, го кажавме нашиот став дека сме против, но за жал, има 68 кои одлучија да глумат некакви заклучоци“, рече Мицкоски.

- Реклама -