Мицкоски: Подавам рака за обединување на опозицијата за уривање на власта

Коалицијата „За обнова на Македонија“ на гласањето за советничките листи освои 55 илјади гласови повеќе од СДСМ и коалицијата, што претставува убедлива победа и јасна порака до власта, но и голема одговорност за опозицијата, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој повика на обединување на целата опозиција во вториот круг, затоа што, како што рече, разликите меѓу нив се мали во однос на заедничката цел „да се собори оваа власт“. Мицкоски од граѓаните побара поддршка и во вториот круг за да може, според него, да се оствари таа цел.

„Изборите покажаа дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство од власта, а опозициските гласови и нивната заедничка цел е промена на власта и нова иднина на Македонија. Затоа повикувам на здружена опозиција и заеднички до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт за Македонија да оди напред за сите луѓе“, изјави Мицкоски по средбата со лидерите на партиите од коалицијата „За обнова на Македонија“.

Тој повика на создавање „здружена опозиција на леви, центар и десни, со една мисија – рушење на оваа Влада“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Подавам рака за обединување и здружена опозиција, а тоа го побара и народот на овие избори. Македонија има иднина и мора да победува, на чекор сме сите заедно да направиме големи работи, иднината да дојде сега заеднички сите заедно обединети до целта“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побара и поддршка од граѓаните во вториот круг, иако, како што потенцираше, сликата и пораката од првиот круг се јасни.

„Има уште еден круг на овие локални избори и чекор до промени и остварување на нашата заедничка нова иднина“, подвлече Мицкоски.

Во однос на вториот изборен круг, лидерот на најголемата опозициска партија истакна дека очекува во вториот круг „во уште поголема мера да се повтори“ она што, според него, се случувало во првиот круг, односно повеќе „поткуп на гласови, полнење кутии, притисоци и уцени“.

„Ги повикувам граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг, бидејќи само со мобилизација и зголемена излезност може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Русковска и сите бандити кои се закануваат низ Македонија и на тој начин собираат поддршка за СДСМ и коалицијата“, порача Мицкоски.

- Реклама -