„Мицкоски прифати уставни измени“ стана „предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се нереални и надвор од преговарачката рамка“

„Лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите и на Владата, односно на СДСМ, и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, и во наредните денови можеме да ги поместиме позициите, но тоа секако, треба да биде во реални рамки“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во гостување на ТВ „Сител“.

Според Маричиќ, треба „да се продолжи од таму каде што застанала лидерската средба“, но во реални рамки и со разумен разговор.

„Ќе дадеме уште некоја шанса во наредните денови за опозицијата, сепак, да пристапи кон овие разговори за да можеме заеднички да го договориме и спроведеме планот за уставни измени. Доколку тоа не се случи и доколку апелите за разумен дијалог од наша страна не вродат со плод кај ДПМНЕ, ние секако дека ќе тргнеме во разговор со секој пратеник“, порача Маричиќ.

За предлозите на ВМРО-ДПМНЕ (кои всушност опозицијата ги постави како ултиматум за да поддржи уставни измени: тие да важат од денот на членство во ЕУ, а не порано), Маричиќ вели дека се движат во нереални рамки и надвор од преговарачката рамка. Тоа, подвлече, би значело повторно преговарање на рамката која што е веќе усвоена минатата година.

„Сметам дека е разумно и одговорно да седнеме – сакаат тимски, сакаат поединечно, сакаат пак лидерска средба – и да разговараме таму каде што застана лидерската средба. Во наредните денови јас сум сигурен дека може да ги поместиме позициите, но доколку сето тоа биде во реални рамки. Ние може да бараме Бугарија да нема право на вето или да ги смениме правилата во ЕУ… во минатото сме се обидувале да ги смениме правилата во НАТО, не сме успеале… и затоа треба да имаме разумен начин на разговор каде заедно ќе ја преземеме одговорноста, ќе ја споделиме одговорноста во таа заедничка влада и ќе им олесниме на граѓаните дека навистина имаме европска перспектива“, рече вицепремиерот за европски прашања.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Во однос на идентитетските прашања, според него, несоодветно е да се тврди дека некој може да ни го земе јазикот и идентитетот бидејќи, како што рече, постојат силни и јасни гаранции за македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ.

„Мислам дека е многу несоодветно ние да тврдиме дека некој може да ни го земе јазикот и идентитетот, тоа не може да се случи. Ние затоа го ставивме македонскиот јазик во преговарачката рамка, затоа инсистиравме да се потпише договорот Фронтекс на македонски јазик, затоа инсистиравме да се изведуваат скрининзите на македонски јазик, за да ја увериме целата јавност и ДПМНЕ дека веќе гарантиран ни е идентитетот. Во таа насока, јас сум сигурен дека би имало расположение да разговараме, дали со ЕП или Советот, или каде и да е, да излезе таква реафирмација, очекуваме таква реафирамција“, рече Маричиќ, повикувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ дека треба да бидат конструктивни и разумни и да го продолжат дијалогот, бидејќи, како што повтори, веќе неколку држави членки во наредниот период би излегле со свои ставови за реафирмација.

За разлика од Маричиќ и Ковачевски, кои „ѝ даваат уште неколку дена шанса“ на опозицијата да ги продолжи разговорите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека нема поента да учествуваат на нови разговори додека власта не одговори кој од нивните предлози е прифатлив. Изминативе денови, да потсетиме, Ковачевски упорно инсистира дека „ВМРО-ДПМНЕ прифати уставни измени“ а „ДУИ прифати да не биде дел од влада“, па дури и изјави дека „сите барања на Мицкоски биле прифатени“. Ниту денеска Ковачевски не отстапи од таквите тврдења, притоа порачувајќи и дека ако ВМРО-ДПМНЕ „се повлече“ од „договореното“, граѓаните и меѓународната заедница ќе биле многу разочарани.

- Реклама -