Мицкоски: Сѐ уште трае анализата за собирање на потписи за референдум, не сакаме простор за дополнителни толкувања

„Сѐ уште трае анализата за собирање на потписи за референдумот. Тоа се сериозни работи. Во периодот што следи ќе се консултирам со експерти од оваа област за јасно да го дефинираме прашањето и методологијата со која ќе излеземе пред граѓаните“, појасни денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Ова се сериозни работи, а ние сме сериозни луѓе кои сакаме, кога ќе излеземе пред граѓаните со одредено барање, тоа да се темели на факти и правни, но и да немаме простор за дополнителни толкувања дека тоа можело да биде сфатено поинаку“, рече денеска Мицкоски за време на посетата на новиот парк во Гази Баба, во одговор на новинарско прашање.

Тој напомена дека во следниот период ќе се консултира со експерти од оваа област, од Уставно право, и јасно ќе ја дефинираат методологијата.

„Но, суштината ќе е процесот на билатерални разговори и преговори со Бугарија и протоколи, така да процесот на менување на Уставот и вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата и во нормативниот дел е друг процес, и трет процес е прифаќање на предлог преговарачката рамка. Тие три процеси не треба да ги поврзуваме еден со друг, иако некои сакаат да ги поврзат“, додаде Мицкоски.

Тој смета дека за нашата држава да ги почне преговорите потребно е да го промени Уставот, односно прембулата, а како што рече, промената на Уставот нема да случи бидејќи за тоа гарант е пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„За да ги почнеме преговорите потребно е да се промени Уставот, односно преамбулата, па дури потоа, според документот заеднички став на Европската унија ќе биде свикана првата меѓувладина и ќе биде усвоена предлог преговарачката рамка. Дека нема да биде сменет Уставот говори бројноста на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тоа се 44 пратеника, плус пратеници од опозицијата кои што исто така се противат на идејата за промена на Уставот. Така што во овој момент владата нема две третини, што значи дека предлог преговарачката рамка останува предлог преговарачка, неусвоена“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Додаде дека тие бараат оваа предлог преговарачка рамка да претрпи измена во членот 5 алинеа 4, каде што таа, како што посочи, во моментов се повикува на билатералниот договор и протоколот кој што го потпиша Бујар Османи и протоколите кои што ќе ги потпише.

„Тука треба да ја бараме суштината во сето ова. Но за да дојдеме до суштината ќе ми дозволите да ги завршам консултациите со луѓе кои што се сепак експерти во уставното право во ваквиот начин на изјаснување за референдум, да ја дефинираме методологијата и потоа ќе излеземе. Но ценам дека треба тука да ја бараме суштината. Инаку, промената на Уставот, сите да бидат спокојни, нема да случи бидејќи за тоа гарант е пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, порача Мицкоски.

Тој вчера, во централниот дневник на ТВ „Сител“, најави собирање на 150 илјади потписи за референдум за, како што рече, „да ја собориме бугаризацијата и асимилацијата“.

„Продолжуваме и понатаму да се бориме, нема застанување. Периодов кој што е пред нас, практично овие недела две, планирам да излезам со предлог пред ИК на партијата да ја разгледаме можноста за референдумско изјаснување со собирање на 150.000 потписи“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека тој смета дека граѓаните треба да излезат на референдум и да се изјаснат дали ја поддржуваат или не „капитулацијата на Владата“.

„И ценам дека граѓаните треба да си го дадат своето мислење односно треба да излезат на референдум и да кажат дали се ‘за’ или ‘не се за’ овие измени кои што Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут и капитулација. Но, да излеземе најпрвин како партија со став, па тогаш ќе има повеќе детали јавноста“, најави тој, повикувајќи ги граѓаните да се обединат против „лошите политики на власта“. Тоа што го потпишал Османи, додаде, не значи дека сѐ е завршено.

Извор: МИА

- Реклама -