Мицкоски: Убеден сум во политички пресврт во Македонија по 17 октомври

Убеден сум во политички пресврт во Македонија што ќе се случи по 17 октомври, а јас ви ветувам дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има посебен фокус за Битола во насока на враќање на сјајот на градот каков што го заслужуваат битолчани, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

На прес-конференција, Мицкоски повика битолчани масовно да излезат на гласање и да го изберат Тони Коњановски за градоначалник на Битола.

„Изборната трка во Битола за мене, буквално да се изразам, претставува битката за Аламо! Овде се спротивставуваат два сосема различни концепти, еден концепт за многу работа-труд и еден друг концепт што сака да не работи, а да стане трут. Убеден сум дека на 17 октомври СДСМ во Битола ќе доживее дебакл бидејќи битолчани нема да дозволат Битола да биде реплика на Струмица. Битола е конзулски град и заслужува луѓе кои така и се чувствуваат, кандидатите на власт може да гледаат и да учат како се гради Битола, како се работи за Битола и како се сака Битола и Македонија. Тони Коњановски ќе има голема победа во Битола“, истакна Мицкоски.

На средбата пред членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во Битола тој порача да се верува на реални, а не на тројански проекти.

„Сакам да порачам дека премногу долго време битолчани се разочарани од ова политичко мочуриште што ни се случува низ Македонија. Јас знам дека политичкиот противник има многу тројански проекти за да му помогнат на СДСМ во кампањата во која нема стратегија ниту визија за Битола и затоа им порачувам на битолчани, 17 октомври е денот кога се бориме и ќе се избориме за Битола, а борејќи се за Битола ќе се избориме и за Македонија. И, затоа повикувам на масовно излегување и да гласаат за бројот 7, односно идниот градоначалник на Битола Тони Коњановски“.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски потсети на изборната програма која, како што рече, е изработена според потребите и низ директни средби со битолчани.

„Како иден градоначалник ќе работам за привлекување нови инвестиции, отворање на нови работни места преку директна поддршка на компаниите, но и на малите фамилијарни бизниси и дуќанџиите. Мој приоритет е општинската инфраструктура и веднаш ќе почнеме со интензивна изградба на улиците и други проекти за современо живеење во градот“, истакна Коњановски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатот за градоначалник на Битола Тони Коњановски и кандидатите за членови на општинскиот Совет во текот на денот ќе ја реализираат акцијата од врата до врата и ќе остварат средби со различни целни групи во градот.

- Реклама -