Мицкоски: Владата заборави да каже дека двојно се зголемува цената на евтината тарифа

„Евтината тарифа од 0.6 денари се зголемува на 1.3 денари, повеќе од двапати. Тоа го заборавија да го кажат. И сега, кога ќе си пресмета секој еден граѓанин колку киловат часови троши во евтина, а колку во еден од блоковите, ќе видите дека сметката со додадените плус 5 проценти данок на додадена вредност ќе биде најмалку 20 отсто поголема. Но, тоа од први јануари ќе го видат сите граѓани и ќе го доживеат“, посочи денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, причина за тоа е што во 2021 и 2022 година од државниот буџет, односно од парите на сите граѓани, на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, Владата ѝ префрлила повеќе од 265 милиони евра.

„А, само во 2022 година, заклучно ноември, без декември, се префрлени 180 милиони евра. А со декември ќе бидат повеќе од 200 милиони евра. И како одат тие пари? Од државниот буџет се префрлаат во ЕСМ, а ЕСМ распишува тендер за ископ, се уценуваат компании да не се пријавуваат на тој тендер за ископ и поради итност се потпишува договор во четири очи. Истото тоа се прави и со мазутот, истото тоа се прави и со увезениот јаглен односно транспортот, и истото тоа се прави со авансното плаќање на фактурите за увезена струја“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Според него, проценките се дека, од тие 200 милиони, најмалку 30 милиони се крадат. Оттаму, тој ги повика сите оние кои што се повикуваат на борба против криминалот и корупцијата „да отидат и да ги отворат документите“. Така лесно ќе увидат каде е криминалот, смета Мицкоски.

Околу увозот за струја, Мицкоски рече дека за месец и половина, почнувајќи од 7-ми или 10-ти ноември до крајот на 2022 година, се потрошени повеќе од 45 милиони евра.

„Цело време ги слушаме како кажуваат дека произведуваат, дека задоволени се потребите, дека готово, нема увоз… итн. А, еве јас ви тврдам, нека ме демантираат, дека само за само еден и половина месец се потрошени од страна на АД ЕСМ повеќе од 45 милиони евра“, рече тој.

„Не се пресметани трошоците за cross border капацитетите и доколку ги пресметате и тие, ќе добиете некаде околу 600 илјади евра разлика, не 800 илјади, што е повторно прилично имајќи предвид дека 2 милиони е целата зделка“, додаде Мицкоски.

„Значи 30 проценти имате профит, што е нешто неверојатно. Тоа авансно се плаќа. Ете така се краде Македонија. И секој кој што ќе каже борба против корупција, еве веднаш ви кажувам пример“, одговори Мицкоски на прашањето како ја коментира набавната цена на струјата за 40% поголема од пазарната.

- Реклама -