Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи отворање на Уставот без јасни гаранции од бугарскиот Парламент

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи отворање на Уставот и Преамбулата како услов за повлекување на ветото од Софија и старт на преговорите за членство со ЕУ, сѐ додека не се добие јасна гаранција од бугарскиот Парламент дека нема да има дополнителни барања – повтори денеска лидерот на најголемата опозициска партија – Христијан Мицкоски, алудирајќи дека за да се случи тоа, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

„Ќе го повторам ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Нема отворање на Уставот додека не добиеме јасна гаранција од страна на бугарскиот Парламент дека ако се отвори и затвори Уставот во Македонија, тоа значи дека на тој начин се затвараат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека сѐ додека Македонија не биде дел од ЕУ нема да имаме повеќе дополнителни барања од страна на нашиот источен сосед. Само под тие услови можеме да разговараме“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Карбинци.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Доколку бугарскиот Парламент не изгласа таков документ, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи отворање на Уставот и Преамбулата, категоричен е Мицкоски.

Според него, што и да се случи во јуни на Европскиот совет, кога ќе се одлучува дали Бугарија ќе го тргне ветото, тоа нема да резултира со отпочнување преговори затоа што ќе има услови во таа преговарачка рамка.

„Јас сум секогаш оптимист, но во случајот со Бугарија работите како да одат во една безнадежна ситуација“, оцени Мицкоски, според кого има три можни варијанти на „решение со Бугарија“ и ниту една од нив не подразбира почеток на преговори.

- Реклама -