Мицкоски за Јанкулоска: Да зборуваме за денес, за минатото ВМРО-ДПМНЕ шеста години е опозиција

Средбата со Гордана Јанкулоска била редовна средба со луѓе од партијата и од минатите и од сегашното раководство, како што било пракса во изминатиот период, одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со вчерашната средба со Гордана Јанкулоска, прашан „зошто еден ден вели дека се бори против криминалот, а веќе другиот ден се среќава сo осуден криминалец“.

„Јас можам да кажам дека Гордана е жртва на политички терор и тортура којашто е правена врз неа, врз нејзиното семејство, а вчера беше ден кога таа доби заслужен викенд. Бидејќи вчера почна викендот, имавме средба. Ќе ми биде чест и задоволство и следниот пат истото тоа да го направи. Можам да кажам дека, и не само таа, туку сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ, се добредојдени и за сите нив се бориме подеднакво како што е случајот и со Гордана“, рече Мицкоски.

Новинарите го потсетија дека во дел од таканаречените „бомби“ на СДСМ, беше снимен глас за кој се тврдеше дека е Јанкулоска, кој најавуваше „правење списоци за судии и влечење за уши за гласање“. Мицкоски одговори дека повеќе сака да разговара за тоа што се случува денес, посочувајќи дека блиски луѓе на денешни политичари од власта возат скапи автомобили и имаат скап имот и дека за тоа ќе има одговорност.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

„Многу работи слушавме во минатото, многу работи се случуваат и денеска, како на пример фамилии на политичари кои се водечки во владата, внуци, роднини, братучеди се возат со ‘мајбах’ автомобили, купуваат имот во центарот на Скопје од 30 милиони евра, како се делат тендери во четири очи, како ја пљачкосуваат Македонија… и тоа е жално. А, за тоа што се случувало во минатото, ВМРО-ДПМНЕ е шеста година во опозиција. Но, јас повеќе би сакал да разговарам за тоа што се случува денеска. Како 25-годишно момче има 30-милионски имот во центарот на Скопје, како сватови на многу моќен политичар возат ‘мајбах’, ‘Ролс Ројс’ и имаат возен парк од неколку милиони евра, како се потрошија 200 милиони евра од буџетот, а лопата не е фрлена. Тоа е сегашност, а тоа што било во минатато ВМРО-ДПМНЕ шест години е во опозиција“, повтори Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -