„Мк-11 Аурора“ успешно го заврши својот суперсоничен лет ВИДЕО)

Авион на ракетен погон од „Дан аероспејс“ (Dawn Aerospace) успешно го заврши својот прв суперсоничен лет, соопшти компанијата. Според наводите, леталото „Мк-11 Аурора“ (Mk-11 Aurora) ја надминало брзината на звукот за прв пат на 12 ноември, достигнувајќи 1,1 мах и висина од 25,1 километар.

„Ова е двојно повеќе од комерцијалните авиони и е првпат цивилен авион да стане суперсоничен по ‘Конкорд’. Пробниот лет беше извршен близу планината Кук на Јужниот Остров на Нов Зеланд“, се вели во соопштението на компанијата.

„Дан аероспејс“, со седишта во Холандија и Нов Зеланд, развива и го унапредува своето вселенско летало на ракетен погон што може да се користи за пренос и на сателити. Тие последниве неколку месеци го тестираа својот најнов модел.

– Ова достигнување го истакнува огромниот потенцијал на авионите со ракетен погон и можноста да постигнат невидени перформанси, рече Стефан Пауел, извршен директор на компанијата.

Се вели и дека „Мк-11 Аурора“ е, исто така, најбрзиот авион што некогаш се искачил од нивото на тлото на Земјата до височина од 20 километри. Леталото е дизајнирано да лета до работ на Вселената двапати во еден ден со брзина од 3,5 маха, и е придвижувано од чист ракетен погон.

- Реклама -