Четвртото издание на Младинскиот Филмски Фестивал ќе се отвори вечерва и ќе трае до 1 септември, на четири главни локации: Кинотека на РСМ, Лабораториум, Котур и на Синестетика – Ледина Шамак и Водно.
Се работи за независен фестивал на кратки филмови на автори до 24 години од целиот свет. Фокус се младите режисери од Македонија и од регионот. Целта е вмрежување на млади домашни автори и од балканот, како и поддршка и пресек на работата во изминатата година.
Годинава се пријавени рекордни 1610 филмови од кои во официјалната селекција ќе се проектираат 28 кратки филмови.
Во жири комисијата се актерката Сара Климоска, монтажерот Мартин Иванов и режисерот Ханис Багашов.
Во музичката програма ќе настапат Игор Василев и ДЏ сет на Марко Анѓелковски. Во недела на затворање концерт ќе има „ХАЈКА“ млад скопски бенд кој ќе настапи за првпат по подолга пауза.
Оваа година фестивалот ја проширува главаната програма со две многу значајни: Едукативна програма за средношколци и Индустри програма за студенти, овие две новитети ќе донесат значајни промени во однос на вмрежување на студенти како и нови и иновативни начини на едукација за средношколци.
Целта на едукативната програма за средношколци е тие да се запознаат со условите и предизвиците на аплицирање и студирање на универзитети за филм во странство. Учесници се Мирослав Илиќ, Леон Ристов, Ана Јакимска, Амелија Георгиевска, Борнео Седеу Нишевиќ, Сергеј Сарчевски.
На работилница за музички документарци, домашни режисери во соработка со студенти и средношколци да изработат краткометражни документарни филмови за новата скопска музичка сцена, од кои ќе се изработи долгометражен документарен омнибус. Се работи за нестандарден и иновативен тип на работилница каде се работи со 10 ментори- режисери, а учесниците имаат директна можност да се запознаат со процесот на работа и да бидат дел од неа.
На Работилницата за музички документарци, учество земаа 20 учесници (средношколци и студенти), 10 режисери и 10 бендови од моменталната млада музичка сцена – од која ќе произлезат 10 кратки документарни филма од кои дел ќе бидат прикажани на фестивалот, а подоцна ќе бидат дел и од поголем омнибус за младата музичка и филмска сцена од Скопје во овој период.