Млекара побара реклама, а доби „Тажна песна за телето“

Во 2014-та, британската владина агенција National Environment Research Council (NERC) најави конструкција на поларен истражувачки брод вреден околу 288 милиони долари. Побараа од нетизените („граѓаните на интернет“) да му дадат име преку интернет гласање. На ничие чудо, интернет троловите излегоа од шумите од кецови и нули, и за кратко, убедливо најгласан предлог беше Boaty McBoatface (ќе му дојде во фазон на „Брод Бродовски“). Тоа е еден од најпознатите примери за тоа како завршуваат „прашај публика“ каскадерствата на интернет.

Чешката млекара „Кунјин“ очигледно не ја научила лекцијата. Во обид да се рекламираат на друштвените мрежи, прогласија конкурс за најдобра песна за кравите и производите на млекарата. Голема. Почетничка. Грешка. Стиховите од конкурсот за кратко се преточија во жесток протест против млекарата и млечната индустрија воопшто.

Наместо песна за вкусен јогурт, најмногу лајкови собраа стиховите за тажните очи на телињата одвоени од мајките крави, само за луѓето да можат да испијат по чаша млеко за доручек.

Во преводот нема да ја доловиме поетичноста, ама дел од стиховите на една од најлајкуваните песни одат отприлика вака: „Малото теле тажно гледа, нешто мука, мајка му ја бара, не ја наоѓа, му се превртуваат очите од глад, сака да пие…“, почнува елегијата за краткиот животен пат на телето кое ќе заврши на кланица.

Прочитајте и:  Во Австралија нема да има потреба од давање на лични податоци на социјалните мрежи

За убедлив победник на конкурсот, според интернет публиката, беше избрана уште пожестока песна, во која стихотворецот објаснува дека кравата „не дава млеко“, туку луѓето им го одземаат на телињата, без да им е гајле што телето плаче и ја бара мајка му. А кога веќе нема услови за „земање“ на доволно млеко, кравата и телето завршуваат во кланица.

Иако целиот конкурс прерасна во осуда на условите и начините на одгледување крави на фармите во Чешка, млекарата ги игнорираше гласовите на публиката и сепак најде свои победници кои го фалат вкусот на нивните млечни производи (веројатно напишани од истите оние што останувале кога сите други бегале од часови). На критиките дека наградиле три песни кои речиси никој не ги лајкувал, млекарата се правдаше дека ги променила пропозициите и дека овие три имале најмногу стил и оригиналност (во „поезија“ за крави и млечни производи, ало!), и дека биле во духот на традицијата на млекарата.

Колку и да се прават „на Тошо“, едно е сигурно, песната за тажните очи на телето ќе продолжи да живее на интернет, макар млекарата и ја избришала од својата Фејсбук страна.

- Реклама -