Професорот од Стенфорд почувствува како е да ти се наврти менталитетот на толпата која преторијански ги штити доминантните уверувања на времето во кое се живее. Џабе што е научник, џабе што се повикува на податоци и факти. Ама па никој не може да те присили да се откажеш од податоците и фактите. Јоанидис со леснотија се држи до нив.
По опсегот и шареноликоста на неговите интереси и занимања, професорот од Стенфорд, Џон Јоанидис, е баш ренесансен лик. Неговата експертиза се движи од статистика, биомедицински податоци, истражувања на превенција и здравствени политики. Гугл сколар го вбројува во топ 100 најцитирани научници на денешницата, има објавено преку 1.000 трудови, многу од нив мета-анализи, односно прегледи и систематизации на други истражувања. Меѓутоа, предава и компаративна книжевност и има седум литературни дела – поезија и белетристика, последното му е епистоларна новела напишана на грчки. А во слободно време е мечувалец, сака да плива, да хајка и да игра баскет.
Од неодамна се најде во небрано од оние кои го промовираа мудроста на карантинот затоа што погледна во податоците и во нив најде добри вести. Бурата околу него се дигна откако предупреди дека глобално важечките радикални мерки се донесени без минимум потребни податоци за опасноста.
Врз основа на случајот со патниците од крузерот Дајмонд Принцес што беше единствена ситуција во која цела, затворена популација е тестирана, Јоанидис излезе со проценка дека американската стапка на смртност би можела да биде ниска од 0,025% до, 0,625% а горната граница од 0,05% до 1%, што е споредливо со сезонскиот грип.
„Стапка на смртност меѓу широка популација од 0.05% е пониска од сезонски грип. Ако ова е вистинската стапка, заклучувањето на светот со потенцијално страшни финансиски и социјални последици може да испадне тотално ирационално. Тоа е како слон да биде нападнат од домашна мачка, па за да ја избегне, решава да скокне во клисура и да загине, пренесовме во статијата „Професор Јоанидис има да ни каже нешто“.
Подоцнежна студија на Стенфорд ги потврди двете основни претпоставки – дека коронавирусот е далеку поприсутен отколку што се мисли, што пак значи дека и стапките на смртност се далеку пониски од оние кои се вадат на насловите.
„На секој човек кој здравствениот систем го знае како позитивен на коронавирус, околу него има 50 до 80 луѓе кои го имаат истиот вирус. Ако Македонија во моментов има 1.231 регистрирани, помножете со 50 или со 80“, наведовме во најавата на разговор со еден друг професор од Стенфорд, во статијата „Вирусот е како мислењето: секој го има“.
Научната заедница имаше некои стручни забелешки околу методологијата, но повторно, главнината на нападите беше мотивиран со потребата по секоја цена да се брани политиката на карантинот од сите оние кои мислат дека мерките се претерани.
„Постои некaков менталитет на разуларена толпа и некои инсистираат на тоа дека ова e апокалипса, крај на светот, дека небото се руши. Студии базирани на податоци се напаѓаат од позиција на шпекулации и научна фантастика. Да се девалвираат реални податоци за да се фаворизираат математички шпекулации е зачудувачки“.
Според него, зад добар дел од хистеријата стојат медиумите и непишаното правило дека лошите вести носат поголема читаност и кликаност. Се повикува и на утврдената закономерност дека лажните вести патуваат побрзо од другите (за тоа, види во нашата статија „Вистината нема шанса со лагата). А пандемијата е извонредна драмска подлошка за хорор, панични и риалити приказни поврзани со смртта.
Меѓу другото, медиумите се полни со стории за млади/здрави/прави луѓе кои неочекувано умреле од ковид-19. А во трудот кој Јоанидис го потпиша заедно со неговата сопруга Деспина, и самата извонреден специјалист за заразни болести во Стенфорд, луѓе под 65 години (кои немале други здравствени хендикепи) се само 0,7% од жртвите на коронавирусот во Италија и 1,8% од оние во Њујорк.
продолжете на оффнет