Многумина ги консумираат, но кои се скриените опасности од енергетските пијалоци?

Се продаваат насекаде, блиску до училиштата, пакувањето е привлечно и имаат сладок вкус. Тие се добри ако ви треба брз излив на енергија за да го поминете денот. Сепак, тука завршуваат придобивките од енергетските пијалоци. Што се случува кога ќе претераме со консумирањето и дали има подобра алтернатива кога сме преморени и ни треба „гориво“?

Кога ви треба зголемување на енергијата, веројатно посегнувате по лименка енергетски пијалок. Таа лименка содржи кофеин кој ќе ве размрда и подразбуди, а воедно има и сладок вкус, за разлика од горчината на кафето. Сепак, дали енергетскиот пијалок е секогаш одговор кога сте уморни и ви треба сила? Дали е исто како спортски пијалок и дали е адекватен за оние кои тренираат?
Што всушност се енергетските пијалоци?
Иако не постои стандардна дефиниција за енергетски пијалоци, тие обично се пијалоци кои се продаваат за да се зголеми вниманието, будноста и енергијата. Тие често содржат големи количини на кофеин, шеќер и легални стимуланси, вклучувајќи таурин, гуарана и Л-карнитин. Не треба да се мешаат со спортски пијалоци, иако имаат слични состојки.
Спортските пијалоци се пијалоци кои содржат електролити и ги користат спортистите и другите луѓе кои губат вода и електролити за време на напорни вежби и потење. Некои содржат само соли и електролити, додека други имаат додадени шеќери.
Енергетските пијалоци може да содржат некои електролити и додадени шеќери, но нивната главна цел е да делуваат како стимуланс. Тие не треба да се користат за замена на електролити и течности изгубени за време на вежбањето.
Кога енергетските пијалоци стануваат опасни?
Големото количество на кофеин може да предизвика забрзано чукање на срцето, што нè прави лесно нервозни и анксиозни. Ова потоа доведува до проблеми со спиењето, што парадоксално предизвикува зголемен замор со текот на времето – а со тоа и зголемена потреба за консумирање енергетски пијалоци. Оние кои консумираат енергетски пијалоци мислејќи дека ги надополнуваат електролитите и течностите може да се дехидрираат, особено затоа што кофеинот е диуретик кој промовира губење на течности.
Покрај тоа, многу голема потрошувачка на кофеин може да доведе до интоксикација со кофеин. Иако оваа состојба е ретка, таа може да биде опасна, дури и опасна по живот, особено кога е зафатено срцето. Поединци може да доживеат срцев удар, како и други тешки симптоми, како што се оток на мозокот и откажување на бубрезите.
Овој ризик се зголемува кога ќе се надмине препорачаната количина од 400 грама кофеин дневно за возрасни (околу четири или пет шолји кафе). Некој кој пие до 400 милиграми кофеин веројатно нема да доживее сериозни ефекти од интоксикација со кофеин, но сигурно може да доживее нервоза и нарушување на спиењето.
Некои енергетски пијалоци може да содржат и до 200 или 300 милиграми кофеин по шише или лименка, па затоа е навистина важно внимателно да ја погледнете листата на состојки пред да ги консумирате.
Посебна претпазливост за децата
Експертите препорачуваат децата и адолесцентите никогаш да не консумираат енергетски пијалоци или какви било пијалоци што содржат кофеин и додаден шеќер. Дури и мала количина може да го зголеми ризикот од анксиозност, хиперактивност, па дури и прекумерно зголемување на телесната тежина, срцеви заболувања и замастен црн дроб. Меѓутоа, меѓу 30 и 50 отсто од адолесцентите пријавуваат дека консумираат енергетски пијалоци, кои често се продаваат во близина на училиштата.
Родителите треба да бидат многу внимателни и да ги знаат состојките, а исто така и последиците на секој пијалок што го купуваат нивните деца, особено затоа што многу енергетски пијалоци изгледаат како обични сокови.
Енергетски пијалоци пред спортски активности
Водата е најдобрата форма на хидратација за повеќето луѓе. Оние кои се загрижени за губење на електролити при потење треба да консумираат само спортски пијалоци, а не енергетски пијалоци. Оние кои сè уште сакаат да користат енергетски пијалоци за да ги подобрат перформансите треба да бидат добро свесни за количината на кофеин што ја консумираат.
Кој најмногу треба да избегнува енергетски пијалоци?
Покрај децата, други луѓе кои треба да бидат внимателни ги вклучуваат оние со хронични проблеми со срцето и бубрезите или висок крвен притисок, бидејќи кофеинот и другите стимуланси во енергетските пијалоци можат да го зголемат отчукувањата на срцето и крвниот притисок.
Кофеинот може да влијае и на одредени лекови, вклучително и некои антидепресиви и лекови за дијабетес.
Подобри начини за намалување на заморот и зголемување на енергијата
Енергетските пијалоци можат да бидат брзо и привремено решение, но носат потенцијални ризици и не се наменети за долготрајна употреба.
Ако страдате од постојана исцрпеност, важно е да разберете зошто – погрижете се да нема некои основни медицински проблеми, како што се анемија, хипотироидизам или апнеја при спиење. Погледнете го распоредот за спиење и проверете дали менувањето на некои навики за спиење може да помогне, а промените во вашата исхрана исто така може да донесат повеќе енергија.
На крајот, проблемот може да биде многу едноставен, како дехидрација. Пиењето доволно вода во текот на денот може да направи повеќе за вас отколку енергетски пијалок, без ризик од преголема стимулација на вашето тело.

Извор