МНР го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на ЕП за земјава (која содржи и спорни амандмани)

Министерството за надворешни работи соопшти дека го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур, посочувајќи дека како и досега, европратениците упатија јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и итно започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

„Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ“, се наведува во соопштението.

Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство.

„Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа. Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава рефорскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“, се додава во соопштението на МНР.

Европскиот парламент попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот за земјава – бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, во кој се поздравува реформскиот напредок и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во усвоената верзија се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, посочува МИА.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ) дека претставуваат поткопување на основните стандарди вредности на ЕУ.

Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин.

Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за , историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.

Конечно амандманот 80, се коси со проценката на Европската Комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.

Освен тоа, неколку европратеници од бугарската националистичката ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) во текот на расправата пред гласањето земјава ја нарекоа „геноцидна кон Бугарите“. Европратеникот Андреј Слабаков дури оцени дека без бараните бугарски промени, членството на нашата држава е рамно на „тумор за ЕУ“.

Извор: МИА

- Реклама -