МНР на Албанија, Хасани: Косово било и останува во центарот на албанската дипломатска активност

Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, денеска во албанскиот Парламент изјави дека „Косово било и останува во центарот на албанската дипломатска активност“.

-Меѓународното признавање на Косово е наш апсолутен приоритет. Косово е дел од нашата агенда во НАТО, ОБСЕ, СЕ и ОН. Нашата земја е избрана во Советот за човекови права на ОН за периодот 2024-2026 година со импресивен резултат. Секогаш кога ќе има потреба и таму ќе го пренесеме гласот на Косово, рече Хасани.

Тој учествуваше во расправата за Предлог-резолуцијата за настаните во северот на Косово.

Идната недела во Советот за безбедност, нагласи тој, ќе организираме состанок од форматот Ариа“, кој ќе биде посветен на неказнивоста на злосторствата за време на конфликт при што „Косово ќе има можност да го сподели своето искуство со целиот свет“.

-Криминалниот напад од 24 септември беше аларм за сите нас. Случувањата што следеа се извор на голема загриженост. Прогласувањето ден на жалост за тројца криминалци е најопасниот сигнал што Србија може да му го даде на регионот, овој гест оди во спротивна насока од напорите на меѓународната заедница. Тоа се коси и со самите изјави на Србија за подготвеност за договор, оцени Хасани.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Кога зборовите не се совпаѓаат со постапките, постои сериозен проблем, рече Хасани, додавајќи дека Албанија не поддржува и категорично се спротивставува на каква било акција што поттикнува конфликт.

Смета дека „залудни се напорите на Србија да го релативизира настанот од 24 септември“ и додаде дека на состанокот на министрите за надворешни работи, во рамки на Берлинскиот процес, што се одржа во Тирана, нападот на Косово го осудиле и другите учесници во процесот.

Според него на „Србија е да спроведе длабок и сериозен истражен процес, ако навистина се заинтересирани за дијалог, виновниците треба да се изведат пред лицето на правдата“.

Тој подвлече дека „дијалогот Косово-Србија е единственото решение за надминување на оваа ситуација“.

-Дијалогот не треба да остане заложник на внатрешна динамика или политички игри. Иднината на целиот регион зависи од исходот на дијалогот. Секое изгубено време има повисока цена за иднината на Косово, нагласи министерот Хасани, додавајќи дека „Министерството ќе продолжи тесно и незапирливо да соработува со Косово“.

МИА

- Реклама -