МНР: Нашите државјани итно да ја напуштат Украина поради опасност од воена ескалација

Поради сериозно влошената безбедносна ситуација во и околу Украина, Министерството за надворешни работи упати апел до македонските државјани кои сѐ уште се наоѓаат во Украина, итно да ја напуштат земјата поради можност од воена ескалација. На оние, пак, кои во претстојниот период планирале посета на Украина, МНР им препорачува да избегнуваат патувања во земјата.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ги следи одблиску состојбите и е во постојана комуникација со нашите партнери и сојузници со кои на дневна основа разменуваме информации и анализи за актуелните состојби“, посочуваат од МНР.

Министерството потсетува и на претходните повици кон оние граѓани кои се наоѓаат во Украина, а кои сѐ уште не ги оставиле своите податоци во Амбасадата на земјава во Киев, да ја контактираат на телефонските броеви +380442877882, +380663951190 и на е-mail: dkpkiev@mfa.gov.mk за да ги достават своите податоци. Дополнително, велат од МНР, нашите државјани може да се обратат и во самото министерство, на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: globalsos@mfa.gov.mk .

Прочитајте и:  Наришкин: Русија е против замрзнување на конфликтот, сакаме долгорочен мир

„Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани, и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се наоѓаат во Украина, или било каде, да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев“, порачаа од МНР.

Министерството додава дека ќе продолжат да ги следат состојбите во Украина и навремено да информираат за евентуални насоки за постапување за нашите државјани.

- Реклама -