Македонското МНР демантира дека ќе потроши преку 900.000 евра за изнајмување возила за потребите на Министерскиот совет на ОБСЕ.
„Не е точно дека Министерството ќе потроши преку 900.000 илјади евра, како што се тврди во медиумите, за изнајмување на возила. Станува збор за рамковен договор, а од понудувачите е побарана цената да биде дефинирана за изнајмување по ден и по возило. Ова значи дека само откако ќе се исцрпат сите домашни институционални капацитети и достапни возила, ќе се изнајмат одреден број возила кои недостасуваат. Министерството интензивно планира и обезбедува возила од институциите, но заради стандардите кои се предвидени од ОБСЕ, нужно е да има резервна опција доколку истите не се обезбедат. Согласно досегашната анализа, веќе половина од потребните возила се потврдени и ќе бидат обезбедени од институциите, што значи дека ни одблиску нема да се потроши планираниот буџет од Рамковниот договор. Предвидувањата се дека нема да се потроши ни половина средства од финансиската рамка“, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи.
Од МНР појаснуваат и дека „понудените цени се цени кои ги дефинира понудувачот“ и дека „заради ниската достапност на возилата со потребната спецификација во толкав број, веројатноста цената на истите да биде повисока во понудата е очекувана“.
„Наша цел е да обезбедиме што повеќе возила од институциите и на тоа интензивно се работи, но апсолутно е нужно да имаме поддршка од професионална компанија за оној дел кој ќе недостастува. Станува збор за возила со специфични карактеристики, опрема и перформански кои институциите ги немаат во доволен број, покрај ВИП возилата, ескортни возила, мини ван возилата и автобуси“, се наведува во соопштението.
Министерската Конференцијата на ОБСЕ ќе биде најголемиот надворешно-политички настан што било кога е организиран во земјава. Се очекува во Скопје да пристигнат над 70 делегации со приближно 1000 членови на делегациите на највисоко ниво, но и дополнително високи претставници од бројни меѓународни организации, објаснуваат од МНР.
„Сметаме дека е недозволиво да не се исполнат стандардите и да не се одговори на обврските кои произлегуваат од обврските за организирање на ОБСЕ Министерскиот совет“, додаваат од министерството.